Мај месец за спортски незаборав!

by fokus

Пишува: Атанас КОСТОВСКИ

За Европа и светот првенствено поради 9 мај – Денот на победата, од поново време Денот на Европа. Петтиот месец во годината е еден од најубавите. Денот на победата е и наш празник, па ние и натаму сме тука во Европа, сме биле и ќе бидеме засекогаш. Порано како Народна и Социјалистичка, до неодамна бевме Поранешна, сега пак Северна. И во трите варијанти си зборуваме македонски, си ги имаме истите комшии, некогаш бевме, кога со дел од соседите живеевме во зеднича држава – вистинска спортска велесила!

Секој  ден од најубавиот годишен месец не потсетува на таа некогашна југословенска спортска супериорност во одделни спортови. Деновиве, во организација на нашиот национален Олимписки комитет, еден од пионерите на македонската кошарка со забележителна улога во редицата успеси на југословенската кошарка, легендарниот Лазар Лечиќ го прослави својот 80-ти роденден. На гости му дојдоа и неговите ученици од Светското првенство во Љубљана 1970 година, Иво Данеу, Рато Тврдиќ, Никола Плеќаш и Дамир Шолман… Да му кажат уште едно благодарам за неговите драгоцени тренерски совети во нивниот кошаркарски растеж.

Ги немаше Ќосиќ, Сканси, Рајковиќ, Капиџиќ, Симоновиќ, Јеловац, го немаше ни нивниот тренер Ранко Жеравица… Беше 23 мај 1970 година кога во салата Тиволи во Љубљана, Југославија го совлада големиот фаворит тимот на САД со 70:63 и ја освои светската шампионска титула! Дај боже догодина сите заедно да го прослават и златниот јубилеј, 50-годишнината од освојувањето на светската кошаркарска титула на државата која своето „умирање“ го најави на фудбалски терен на 13 мај 1990 година!

Фудбалот се сакаше во сите шест републики и двете покраини. Титулите беа резервирани за екипите од големата четворка (Црвена Звезда, Партизан, Динамо и Хајдук), понекогаш сметките им ги расипуваа Сараево, Железничар, Вележ, Вардар или Војводина… Се редеа и репрезентативните успеси, беше комплетирана олимписка колекција на медали (злато-1960,сребро -1956 и бронза -1984), сребро на европските првенства (1960,1968), златен медал на ЕП (Кан, 1954) златен медал на СП (Чиле 1987). Некогашниот вардаров голман Благоја Видиниќ останува најтрофејниот македонски фудбалер, со злато и сребро од ОИ, србро од ЕП и злато од младинско ЕП!

По освојувањето на светскиот младински шампионат 1987 во Чиле, сите очекуваа новата генерација на југословенските фудбалери својот дипломски испит да го има на Светското првенство во Италија 1990 година. Случувањата од стадионот Максимир во Загреб на 13 мај 1990 година ја нарушија атмосферата во репрезентацијата. Настаните во федерацијата се пренесоа и во спортското живеење. Свирежите на интонирањето на химната „Хеј Словени“ пред натпреварот Југославија – Холандија се изгубија во максимирската шума, ама оставија неизбришлив белег во срцата на репрезентативците пред нивниот пат за Италија.

Последниот федерален фудбалски селектор Ивица Осим веруваше и во квалитетите на Дарко Панчев и Вујадин Станојковиќ, на патот за полуфиналето на средбата со Аргентина среќата, по изведувањето на пеналите, беше на страната на легендарниот Диего Марадона. Можеби се ќе беше подруго ако тоа неделно загрепско попладне на 13 мај 1990 година не завршеше со волеј-ударот со копачка, а без топка, на динамовецот Звонимир Бобан во грбот на еден од припадниците на милицијата. Само десетина денови пред овој дерби натпревар, чиј исход не можеше да ја симне Црвена Звезда од шампионскиот пиедистал, на првите повеќепартиски избори во Хрватска победи националистичката партија ХДЗ на Фрањо Туѓман и многумина очекуваа да биде „жешко“ на трибините на Максимир, но не и на теренот!

Аанлитичарите, кога се’ собрале и одзеле по случувањата во некогашната федерација, се согласиле дека распадот на СФРЈ започнал на фудбалскиот терен во Загреб, на 13 мај 1990 година! Фудбалски, Југославија го доживеа својот најголем клупски успех следниот мај. На 29 мај 1991 година во Бари, Црвена Звезда со голот на Дарко Панчев во последната серија од пеналите го совлада Олимпик од Марсеј и стана европски клупски шампион. Се радуваа и коментаторите Милојко Пантиќ и Божо Сушец, ги разделуваше мојата коментаторска позиција. Едниот коментираше на српски, другиот на хрватски јазик, јас пак се присетив дека некогаш учев српско-хрватски јазик! Нашите Дарко Панчев и Илија Најдоски со победата над Коло Коло од Чиле со 3:0 ја освоија и титулата светски клупски шампиони. Благодарение и на нивните извонредни игри Југославија избори пласман на ЕП 1992 година во Шведска.

И ден денес мислам оти светските челници преку ФИФА и УЕФА направија катастрофална грешка што од Шведска ја вратија фудбалската репрезентација на Југославија, ја повикаа Данска, која на крајот дури стана и европски шампион! Селекторот Хрват (Ивица Осим) состави силна репрезентација од Срби, Црногорци, Словенци, Македонци, Бошњаци, фудбалот насекаде се сакаше на федералните простори, а верувам дека во тие денови и ззвојуваните националисти ќе прогласеа примирје во чест на фудбалот! Да беше се нормално, Југославија во Шведска имаше фудбалски состав за европска шампионска титула, а во САД 1994 година дури и да игра со Бразил во финалето на СП!

Мај е преполн со фудбалски возбудувања, крај на националните првенства, финални куп натпревари, завршни мечеви на Лигата на шампионите и на Лигата на Европа, но и сеќавање на настаните што се дел од спортското живеење на овие балкански простори.

Поврзани новости