Маички со легендарните стихови од Фолк фест Валандово се хит во градот: Со гордост ги носат и млади и стари!

by Fokus

Валандово се подготвува за еден од централните настани во општината, традиционалниот фолк фестивал на новосоздадени мелодии во народен дух. Финалната вечер ќе се одржи во недела, на 25-ти мај, а пак во петок и сабота на градскиот плоштад ќе се одржат две пред фестивалски вечери.

Фестот кој е гордост на валандовчани и од кој излегоа, а и до денес и по четири децении се слушаат бројните хитови, е настан кој секоја година привлекува посетители од сите краеви на земјава. Три дена музика, забава и гостопримство од домаќините, од кои повеќето, по повод годинашното издание ќе ги дочекаат гостите облечени во уникатни маички.
Станува збор за маици на кои се испечатени стихови на околу 80 песни кои биле отпеани на фестивалот во тек на годините, а кои и денес се актуелни помеѓу сите генерации.

Како што раскажува за ,,Фокус” Перо Костадинов, градоначалникот на Валандово, по повод афирмација и промоција на фестот, дошле до одлична замисла, да ги отпечатат стиховите на маичките, а валандовчани, посебно помладите генерации, со радост и гордост веќе ги облекле истите.

– Сакавме нешто уникатно, по повод нашиот традиционален фестивал, и така спонтано се создадоа маичките, но се испечатени и беџови, торби, магнети и други промотивни материјали. Идејата беше на Ѓоко Аврамов, вработен во Општина Валандово, и се покажа како прав погодок.

Имаме стихови на околу 80 песни, се работи за хитови кои сите ги знаат, и млади и возрасни, но многумина од помладите генерации не знаеле дека тие песни биле отпеани токму овде, на валандовскиот фестивал. Маичките не се за продажба, се доделија на многу наши сограѓани како подарок, кои како што гледам, со гордост ги носат, во име на промоција на нешто добро и трајно, кое произлегло од овде, од нашето Валандово.

Инаку, веќе сме подготвени за настанот, и имаме одличен избор од 22 песни, за чии стихови верувам дека во иднина, исто така ќе се најдат на промотивни материјали, како белег за квалитетот кој се нуди на фестивалската сцена, ни изјави Костадинов.

Додава дека на финалната вечер ќе настапат познати интерпретатори, со песни на докажани автори, а Македонската телевизија ќе врши директен пренос.

Мишко Крстевски, Блага Петреска, Ефто Пупиновски, Драган Мијалковски, Сузана Гавазова, Горан Тодоровски и Смиља Митреска се само дел од изведувачите на фестивалот.

На пред фестивалската вечер во петок пак, на 23-ти мај, на плоштадот ќе настапат Кико Болеро и Болеро Бенд, Сузана Спасовска и Тамара Тодевска.
На втората пред фестивалска вечер во сабота, на 24-ти мај, на плоштадот ќе настапат Тајзи, Каролина и Ике де Кока.

Вики Клинчарова

Поврзани новости