Махира пронајдена завиткана во ќебе кај државна болница

by Fokus 10:22
10:22

Десет-годишната Махира Куртиш од Скопје по која пет дена трагаше семејството и полицијата, синоќа ја пронашол нејзиниот татко, само неколку часа откако фотографија од девојчето беше објавена во медиумите и на социјалните мрежи.

Таа била во друштво на неколку години повозрасно девојче, а на таткото му било јавено дека е забележана кај државна болница, по што со пријатели веднаш се упатил таму.

- Advertisements -

-Татко и ја најде, завиткана во ќебе, седела заедно со поголемо девојче, за кое имавме сознанија дека е со неа.
Веднаш штом ја видел, започнал да плаче, бидејќи ја гледа жива и здрава. Таа е во добра состојба, ја донесоа дома, потоа заминавме и во полициската станица во Шуто Оризари да дадеме изјава. Од она што Махира ни го раскажа, девојчето со неа не ја пуштало да си дојде дома, таа е мала и се исплашила, па го слушала што ќе и каже. Се движеле околу Бит Пазар овие пет дена – во телефонски разговор за ,,Фокус” појаснува мајката Сенада.

Махира заминала од дома во вторникот околу 20 часот, ја пратиле до продавница, по што не се вратила дома. Семејството ја барало низ населбата, а наредниот ден пријавиле во полиција.

Вчера Сенада ни изјави дека дознала како Махира последен пат била забележана во друштво на девојче кое имало околу 15 години, а кога отишле во неговиот дом, очувот на девојчето им кажал дека и тоа не е вратено дома со денови.

-Моето дете е многу мирно, повлечено. Сите дома бевме преплашени, избезумени. Се заблагодаруваме на јавноста, на сите кои ни помогнаа во потрагата, ни олесни што добро се заврши оваа животна драма. Махира е исплашена, збунета, но ќе биде добро, изјави маjката.

И таткото со видео порака на социјалните мрежи извести дека девојчето е најдено и се заблагодари на сите за помошта и грижата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости