Мафијашка држава

by Fokus

Кај се најде баш сега оваа короната. Баш сега кога сите си бевме среќни и задоволни. Баш сега, кога сите ги остваривме своите соништа. Мафијата го победи СЈО, читај Свети Прибе, партиите сите во Влада, а народот патриотски остварен. Короната повторно ни покажа дека „царот е гол“

Петар БОГОЈЕСКИ

Често повторувам, сите држави си имаат своја мафија, само мафијата во Македонија си има своја држава. Е, сега по потреба, по некој делегиран политичар од мафијата, со цел да ја преземе агендата, како папагалче ја повторува истава реченица, но, за жал, не ја разбира суштината. Особено е забавно кога тоа го прави претставник на мермерната палата. Човек да „урла“ од задоволство. И сето ова е позната работа.

Но, токму тоа е причината за наслов на ова писание да биде мафијашка држава. Зашто газдата на оваа држава е мафијата, а народот, таков каков што е, ужива под мафијашкото ропство. Некои викаат дека лидерите на мафијата се особено хумани кон своите поданици, па исто било дали газди ти се мафијаши, политичари, аристократи или технократи. И онака народот секогаш е под ропство. Но, мафијата била особено жестока кон тие што не ја почитувале нејзината величина и патриотско дело. Во ред, ајде ние да бидеме тие што сме во немилост. Дали народот е подготвен да престане да живее од мафијашка милостина и да западне во немилост? Тоа на крај од писанието!

ЗАРОБЕНАТА ДРЖАВА И ПРИБЕ

„Заробена држава“ беше фразата која ни ја констатираше еден правен експерт Прибе, кој беше прогласен за Светец на тогашната опозиција, а сегашна власт. До душа сега на власт се сите. Да се вратиме на Прибе. Таа негова фраза беше најповторувана во домашната и во меѓународната јавност. Немаше странец да не дојде, да не ни каже, вие сте заробена држава. Арно. Немаше јавен настап на шарен револуционер или некој помалку шарен, да не каже, ние сме заробена држава. Арно. И така сите со ред. Но, никој не навлезе длабински и не констатира, кој тоа ја заробил државата.

Свети Прибе констатираше дека државата ја заробила партијата. Грешка. Аматерска грешка на еден „Светец“. Ако беа сите Светци вака површни, не знам што ќе останеше од таа Библијата. Арно констатираа дека државата е заробена од партијата/партиите, ама не видоа кој е газда на партиите!?! Кој ги заробил партиите, кои ја заробиле државата.

Всушност, газдата на партиите е газдата на државата. Некој вика дека Свети Прибе и луѓето кои му помагале, забележале кој е тој. Не биле баш така наивни, како јас што пишувам. Па, се решиле да направат Специјално јавно обвинителство, кое требало да се пресмета не со партијата/партиите, туку со нивниот газда.

И веќе влегуваме во суштината. Сопственикот на партиите, а тоа е секако мафијата, се најде во небрано. Ептен работава апла гола. Сите ќе дознаеја дека кога тој Свети Прибе зборува на заробена држава, не мисли на една партија, ами на една мафија, која си имаа низа партии под себе. Ептен ќе испаднеше онаа „царот е гол“. Преземаа акција!

Краен резултат од акцијата. СЈО ја изгуби битката. Религијата на Свети Прибе се распадна. Не најде плодна почва да се рашири низ Македонија. Да, да, таа библиската Македонија. Мафијата фатена во небрано, повика пријател, како оној на квизот Милионер, повика политички партии. Внимание, не политичка партија, туку партии. Во множина, подвлекувам! Така наeднаш, борбата против мафијата, постана борба против политички партии, политичка пресметка, политички жртви… конзули и лидери… и така на крај сите заборавија на мафијата, а потрчаа душегрижните патриоти од библиската Македонија, да ги одбранат честа на партиите и на демократијата во земјата. Кој парадокс.

Народот се крена да ја заштити „демократијата“, „слободата и правдата“ од злосторничкото СЈО, кое се дрзнало да прави политички прогон и да ја наруши политичката слобода во земјава, а заборави дека всушност мафијата им даде задачка да се кренат и да ја заштитат од правен прогон. Епизодата на Катица и Боки, тука беше само едночинка, драмолетка. Ништо повеќе.

КАКОВ НАРОД ТАКВА МАФИЈА

Мафијата си ја заврши работата. Народот се крена на нозе да си ги заштити газдите, оние истите кои го молзат и толчат со децении. Ама пазете, биле милостиви кон послушните поданици. Така народот си ја заштити мафијата, си ги спаси киднаперите на сопствената држава, а за тоа еден куп будалетинки се испофалија дека бил највисок патриотски чин. Е да, во право се! И во времето кога народот ќе си го заштитеше сатрапот, било да е крал или диктатор, викаше тоа е патриотска должност.

Во ред. Исто е! Сега во нашата жална Македонија, сатрапот е мафијата, па наша патриотска должност е да си ја заштитиме, за и понатаму вака милозливо да не владее. Каков народ, таква држава. Каков народ, таква мафија. Милозлив и добар народ, си има милозлива и добра мафија. Секоја чест. Светот ни завидува на оваа милозливост и добрина.

Политичките партии си го направија своето. Па, за тоа постојат, нели? Си го заштитија газдата. Поради тоа беа наградени со „Пржинска влада“, за сите заедно да владеат во милостина и добрина. Да го поделат пленот. Зашто на крај, кој и да победи на избори, не е проблем. Мафијата ќе им каже како да се формира Владата, кој да владее, а кој да глуми опозиција. И така бесконечно. Државата си останува заробена. Свети Прибе и клисарите паднаа во заборав, а нивната религија за владеење на правото, замина на друг дел од планетата, кај помалку библиски народи од македонскиот. Мафијата си останува сопственик на државата. Партиите си работат на задачите од мафијата. Народот гордо и патриотски си робува. И така, на среќата ѝ нема крај!

КОЈ ЌЕ ЈА ПЛАТИ СМЕТКАТА?

Кај се најде баш сега оваа короната. Баш сега кога сите си бевме среќни и задоволни. Баш сега, кога сите ги остваривме своите соништа. Мафијата го победи СЈО, читај Свети Прибе, партиите сите во Влада, а народот патриотски остварен. Короната повторно ни покажа дека „царот е гол“.

Дојде време-невреме. Мора од некаде да се крати. Е сега, поголем проблем од оној на Прибе. Сега милостината на мафијата опаѓа. Од ден за ден. Нели и Господ прв на себе брада си ставил. Така и мафијата. Остави милостина. Газдите се научени на големи луксузи, кои нели патриотски ги плаќа народот. А тој, пак, народ, поим нема за владеење на правото, ама ако му намалиш милостина, ако му  ја земеш и таа гола коска што ја глода со децении, ќе ти… Што правиме сега? Проблем.

Народот бара од партиите да го решат проблемот. Партиите бараат амин од мафијата, во кој правец и колку им е дозволено да дејствуваат. Мафијата нервозна, пари не ѝ се даваат… профит не ѝ се губи… им даде повратен одговор до партиите, правете што ќе правите, нашата богата трпеза да не ја допирате. Политичкото лидерство во небрано, нема друго чаре, освен да земе решение, народот да ја плати сметката.

Во моментов, кога го пишувам ова, трае полемиката помеѓу народот и партиите кој да  ја плати сметката, а не се свесни дека, пак, ќе плати народот. Џабе расправии. Само мафијата мирно си ужива. Нормално, таа е газда на државата. Кога се прашувате зошто државата нема власт врз банките? Затоа што газдите на банките се истите оние кои се газди на државата. Разбирате? Не бива ист газда да си прави конкуренција помеѓу два свои бизниси. Еден банките, втор државата. И така…

Дали народот е подготвен да престане да живее од мафијашка милостина и да западне во немилост? – беше прашањето од почетокот на писаниево. Многу тешко ми е да дадам одговор. Чуден народ сме ние. Научени да живееме од милостина, а не од свој труд. Никогаш не разбравме дека таа „милостина“, всушност доаѓа од нашиот труд. Ама тоа е, толку Господ ни дал. Само едно знам, мафијата има еден кошмар. Да не се случи таа да западне во немилост од народот! Да не се случи пад на заробената држава, а поробителот да биде фатен жив!

 

 

Поврзани новости