МАД за случајот во гевгелиската градинка: Ќе се случува се додека „се зачленив во партија за да влезам во градинка“

by fokus

Македонската асоцијација на дадилки остро реагираше по немилиот настан во гевгелиската градинка, каде негователка непристојно и грубо се однесува кон едно од децата. Тие преку соопштение дадоа коментар за целата ситуација.

„Се случува негувателка да има „вербален испад“ во градинка, се случува дете да биде изгризано бидејќи го „полазил инсект“ во градинка, се случува дете да е изгорено со кафе во градинка, се случува дете само да замине од градинка, се случува дете да остане заклучено во градинка…

Се случува и ќе се случува. Сѐ додека не се свестиме и додека не признаеме дека системот за грижа и нега на деца ни е паднат на колена на дно, и дека всушност не постои систем. Ќе се случува сѐ додека секое чудо ни е за три дена доста, ќе го заташкаме, ќе се ставиме под тепих и ќе продолжиме понатаму. Ќе се случува сѐ додека немо набљудуваме, и само коментираме на социјалните мрежи, а во себе се тешиме дека е добро што не се работи за нашето дете.

Ќе се случува сѐ додека слушаме и прифаќаме оправдувања од типот: „по дома со едно не можеме да се справиме, а не па тие во градинка со триесет деца“. Ќе се случува сѐ додека ни е нормално: „па мизерно се платени, што да прават “. Ќе се случува сѐ додека: „се зачленив во партија за да влезам во градинка“.
Ќе се случува сѐ додека секој еден дојден од улица со така наречена лиценца може да работи со деца. Ќе се случува сѐ додека институциите молчат пред непобитната вистина дека уништуваме генерации од најмала возраст, дека несоодветни, неквалификувани, неодговорни лица без трошка совест работат со деца. Ќе се случува сѐ додека вработувањето во градинка ќе се користи како инструмент на краткорочна социјална политика, а не како инструмент за градење и растење на нови генерации“, се вели во соопшението

Поврзани новости