Љупчо Димовски, амнестиран за „27 април“ и осомничен во друг случај, е наследник на Ѕинго

by fokus

Љупчо Димовски, досегашниот генерален секретар на партијата и пратеник е новиот претседател на Социјалистичката партија на Македонија.

Димовски бил избран едногласно од делегатите на деветтиот Конгрес на партијата што се одржа во Кратово. Неговиот избор следува по смртта на Љубисав Иванов Ѕинго кој до крајот на животот беше претседател на СПМ, цели 25 години.

Тој беше еден од пратениците кои беа обвинети за „крвавиот четврток“, односно за упадот во Собрание што се случи на 27 април 2017 година, но беше амнестиран. Иако за ова дело е амнестиран, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за него и за други министри и заменици за земјоделие, Ацо Спасеновски, Михаил Цветков, Кристијан Делев и ги товареше за злоупотреби поврзани со земјоделски земјишта.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, партија со која СПМ е во коалиција, му го честиташе на Димовски изборот за претседател на партијата.

-Честитки за изборот на Љупчо Димовски за прв човек на СПМ. Вистинско решение. Чесен и искрен човек кој ја сака и покажа како се бори за Македонија и покрај сите напади и бури! Љубац, пријателе, заедно да го победиме ова зло и да се избориме за Македонија, до самиот крај! – напиша Мицкоски.

Во случајот „Труст“ пак на поранешното Специјално јавно обвинителство, беше обвинет и синот на поранешната пратеничка на Социјалистичка партија, Владанка Авировиќ, Василије, кој доби условна казна.

Поврзани новости