Љупчо беше намачена душа, криво ми е што не му се јавив

Планинарот Игор Смилев за Фокус раскажува за пријателството и соработката со возачот на кобниот автобус - Љупчо Зафиров

by Fokus 19:00
19:00

Љупчо Зафиров е еден од загинатите во страшната авботуска несреќа во Бугарија, во која покрај него, животот го загубија уште 44 лица, а седуммина се повредени.

Зафиров беше шофер, кој сигурно многу ќе недостасува на планинарската фела, со оглед на тоа дека долго време соработувал со планинарските друштва при организацијата на планинарски тури.

- Advertisements -

Зафиров најмногу соработуваше со еколошката групација „Грин Пауер“, а долгогодишниот планинар Игор Смилев со голема тага раскажува за неговото пријателство.

Љупчо беше намачена душа. Срце планина, личност што знаеше да помогне и во најтешките мигови. Сопругата го напушти, му зеде се, а тој почна од „нула“ повторно да се издига од пепелта. Планинарската фела изгуби еден огромен другар, врвен професионалец“, раскажува Смилев за „Фокус“.

Неговото планинарско друштво 90 отсто од турите го имало Зафиров како возач, а Смилев има само пофални зборови за неговата стручност и професионализам.

„Секогаш се трудеше да ни угоди и безбедно не носеше на планина и не враќаше дома. Честопати знаеше и да ја спушти цената, кога ќе видеше дека пет-шест луѓе го откажале патувањето. Ми велеше: Абе Смилев, ти вака ќе дадеш пари од твој џеб. Дај „илјадарка“ помалку“, додава нашиот соговорник.

Смилев имаше многу да кажува за неговиот пријател, а една случка од неговиот живот никогаш нема да ја заборави.

„Тоа се случи во 2017-та или 2018-та година. Бевме во мал конфликт со Љупчо и решив да обезбедам друг шофер за превоз од Скопје до Орешки манастир. Сепак, во 12.40 по полноќ, шоферот ми се јави и ми откажа, со оправдување дека комбето му се расипало.

 

Голтнав кнедла, знаев дека имам само една опција. Во 1 часот по полноќ му се јавив на Љупчо:Другарче, ни треба комбе во 6 сабајле во Скопје. Знам дека е доцна и нема да се налутам ако ме одбиеш. Љупчо без да размислува прифати. Тогаш ја сфатив неговата големина“, вели Смилев.

Кога ја слушнал веста за трагедијата, нашиот соговорник имал многу лошо претчувство, а штом дознал дека Зафиров е меѓу загинатите, бил шокиран. Еден момент посебно го мачи овој планинар.

Љупчо ми ѕвонеше пред четири-пет дена, но јас не успеав да му се јавам. Обично тоа го правеше штом дојдеше во Велес, па пиевме кафе во некој локал. Сега ми е многу криво што не му се јавив. Никогаш нема да дознаам зошто ме барал. Премногу сум тажен, бар да му се јавев, можеби ќе променев многу работи“, вели Смилев.

Заедно со Зафиров имале големи планови, но останува жалењето што не успеале да ги реализираат нивните замисли.

„Разговаравме и да купиме заедничко комбе. Тој можеше тоа да си го дозволи, а јас ќе му исплаќав од планинарските тури. Тој беше неверојатен човек, подготвен и за дружба и за професионален ангажман. Знаете, размислувам – немам ниту една фотографија со него.

 

Човекот безбедно не носеше и не враќаше дома, а јас немам ниту една фотографија со еден од најзаслужните луѓе за сите организирани тури“, емотивно го заврши овој разговор Смилев.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости