„Лудилото на државниот удар“, „Демократијата под опсада“, „Ден на срамот за американската демократија“ – дел од насловите во светските медиуми

by fokus 12:59
12:59

Протестите во Вашингтон и упадот на демонстрантите во Конгресот со цел да ја спречат верификацијата на победата на Џо Бајден е осуден во светските медиуми. Дел од насловите се „Трамп го запали Вашингтон“, „Демократијата под опсада“ или „Лудилото на државниот удар“.

За голем дел од светските медиуми за насилството виновен е претседателот во заминување Доналд Трамп бидејќи ги охрабрувал демонстрантите.

- Advertisements -

Британскиот весник „Тајмс“ на насловната страна објави дека „Приврзаниците на Трамп упаднале во срцето на американската демократија, додека „Дејли телеграф“ под наслов „Демократијата под опсада“ ги опиша „насилните сцени и хаосот без преседан“ во Вашингтон, а демонстрантите кои упаднаа во Конгресот ги нарече „орди“.

„Гардијан“ вчерашните настани во Вашингтон ги оцени како „најдраматичен предизвик за американскиот демократски систем од граѓанската војна“.

Голем број европски дневни весници вчерашните протести ги оценија како „хаос“ и „срамота“.
Германскиот весник „Ди Велт“ на насловната страница објави текст под наслов „Ден на срамот за американската демократија“. Дописникот од Вашингтон, Клеменс Вергин истакнува дека „САД го доживеа својот прв обид за насилен пуч“.

– Претседателот, неговите лаги и републиканците безрбетници се политички одговорни за тоа, наведе Вергин.

И шпанскиот весник „Ел Паис“ тврди дека хаосот во Вашингтон бил охрабрен од Трамп.

Италијанскиот весник „Ла Република“ го спореди Трамп со италијанскиот диктатор Бенито Мусолини и неговото доаѓање на власт во 20-тите години од минатиот век.

– Америка, цела Америка, на телевизија во живо вџашена ги следеше настаните кои наликуваа на маршот на Рим – упад во Капитол и напад на светата демократија, наведе авторката на текстот Мариа Платера.

Додека францускиот весник „Либерасион“ истакна дека „Трамп го запали Вашингтон“.

– САД падна на нивото на латиноамериканските држави, објави бразилскиот весник „О Глобо“

Додека египетскиот весник „Ал Ахрам“ вчерашните настани ги оцени како „смрт на американската слобода и пропаѓање на вредностите што САД неуморно се обидуваат да ги извезат низ целиот свет и кои ги користат како причина да се мешаат во работите на другите држави“.

Кинескиот весник „Глобал тајмс“ на Твитер објави фотографии од протестите во Хонг Конг, кога демонстрантите го окупираа Законодавниот совет на Хонг Конг во јули 2019 година и од вчерашните немири во Вашинготн. Весникот наведе дека претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси еднаш за протестите во Хонг Конг изјавила дека се „убава глетка“.

– Останува да видиме дали истото ќе го каже за неодамнешните настани на Капитол хил, посочува „Глобал тајмс“.

Поврзани новости