Љубовта со Оксана ме удри како гром од ведро од небо, таа ми е трета среќа!

by fokus

Боксерскиот шампион Вели Мумин наскоро повторно ќе застане на лудиот камен. За ,,Фокус” вели дека ја пронашол својата трета среќа сосема случајно, во Украина, и му се случила љубов на прв поглед. Неговата избраничка е Оксана, доктор кариопрактик, мајка на 15-годишно девојче, жена за која боксерот појаснува дека ги има сите квалитети за кои некогаш сонувал. Моментално тој е кај неа, во Украина, а наскоро заедно доаѓаат во Скопје каде планираат да ја крунисаат љубовта со брак.

-Првата средба со Оксана ми се случи непланирано, во период кога најмалку помислував на љубов. Пред две години се разделивме со сопругата Менка, со која ги имаме синовите Максимилијан и Кристофер, беше тоа тежок период бидејќи верував дека нашата љубов и брак ќе траат вечно… Ама, не било така пишано.

Заминав во Украина на Европско првенство, како тренер на деца, и за време на турнирот се случи фаталната средба со Оксана. Бев во салата каде трениравме, слушнав музика во друга просторија и отидов да видам што се случува. Таму се одржуваше танцова проба, а нејзината ќерка танцуваше. Ни се сретнаа погледите со преубавата Оксана, беше тоа како да не удри гром од ведро небо. Се останато е историја – раскажува Мумин.

Додава дека не верувал дека во своите четириесетти години може да ја најде сродната душа, и благодарен е на судбината што го споила со жената за која вели дека е се што некогаш посакувал.

-За време на карантинот уште повеќе се зближивме. Јас три пати одев во Украина, таа сега за прв пат ќе дојде во Македонија. Веќе го зборува и нашиот јазик, се радува што ќе го види Скопје. Нејзината ќерка има уште две години до завршување на школувањето, а потоа планираме да живееме овде.

Оксана е прекрасна личност, ги негува традиционалните вредности, семејството и е нешто свето. Повисока е од мене, но душата и е иста како мојата, широка, за секого има убав збор да каже, љубезна е. Убаво ни е заедно, сакаме да го прошириме семејството. По два сина, би сакал да добијам и ќерка- вели боксерскиот шампион.

Тој работи во Агенција за спорт и млади, а истовремено е и тренер во неговата боксерска академија. Појаснува дека пандемијата малку му ја успорила работата, додека траеше карантинот, но сега повторно се враќал во нормала.

-Пандемијата сите не погоди, но веќе свикнуваме да функционираме според новите правила, работата повторно се враќа во стариот колосек. Ја сакам мојата работа како тренер, ме исполнува. Задоволен сум од животот, и на приватно и на професионално поле. Кога на човек е му се случи љубов, целиот свет му изгледа поубав, душата му е полна – вели боксерот, кој два пати беше прогласуван за спортист на годината, има низа на титули зад себе, и е добитник на орден за заслуги и афирмација на Македонија.

Има боксувано на над 250 меча, од кои победил на повеќе од 200.

Во минатото беше оженет со Бугарката Маја Полиска, која беше Мис фитнес на Бугарија, а по разводот со неа стапи во брак со Менка, со која има два сина.

Вики Клинчарова

Поврзани новости