Љубовните детали на Стефан Богоев ексклузивно за ,,Фокус’’: Имав 19 години, ама знаев дека тоа е тоа!

by Fokus

-Уште на деветнаесет години знаев дека Ивана е вистинската за мене, немаше ниту трошка сомнеж, веднаш штом ја видов, тоа беше тоа – ја започнува својата љубовна приказна за ,,Фокус’’ Стефан Богоев, градоначалникот на Карпош, кој пред два дена ја запроси својата девојка Ивана Анѓеловска.

Запросувањето се случило со торта во форма на кутија за накит, со прстен од фондан, а најмладиот градоначалник од редовите на СДСМ ја појаснува причината за запросување со торта.

-На денот кога ја побарав за сопруга, Ивана наполни 27 години. Во ист ден имаше роденден и свршувачка, затоа и ја изненадив со торта – вели Богоев, кој веднаш по запросувањето ни изјави дека ја запросил Ивана по повеќе од осум години врска, бидејќи дал збор дека ќе се ожени откако ќе падне власта предводена од Никола Груевски.
Тој се навраќа на времето кога за прв пат ја сретнал својата избраничка, и вели дека ги памети сите детали, како да било вчера.

-Се запознавме пред околу девет години, во дискотеката Картел. Не спои заедничката другарка Симона, и од тој момент започнавме да комуницираме, а по неколку дена и да се гледаме. Генерално, тајната на нашиот успех е разбирањето. Јас порано често патував низ земјава или низ Европа, поради работни обврски, и со Ивана никогаш сум немал проблем поради сите отсуства. Сега, таа повеќе патува низ Европа, поради своите професионални обврски, и ако тоа можеби е проблем кај некои парови, кај нас напротив, кога ќе замине некој од нас на пат, едвам чекаме потоа да се видиме, и дури ни е уште поубаво – раскажува Стефан.

Тој додава дека Ивана е дипломиран политиколог, и работи како бренд менаџер во парфимериите Еликсир. Токму поради тоа, често се случувало да имаат периоди на разделеност, кога таа патувала поради работата.

-Меѓусебно, максимална поддршка сме си во кариерите, а и семејствата ни се блиски. Дури и во најкритичните и политички ризични моменти за мене, Ивана секогаш максимално ме поддржувала. Не се плаши, решителна е во тоа што го сака – вели градоначалникот.

Околу плановите за свадбената веселба, раскажува дека сеуште ништо не е прецизирано, но и двајцата посакувале да имаат модерна свадба.

-Свадбата уште не ни е договорена, ни временски, ниту пак локациски. Знам само дека нема да биде традиционална, класична, ниту пак гламурозна. Бидејќи друштвото ни е составено од млади луѓе, сакаме да биде модерно, весело и забавно. За нешто повеќе немам ни време да организирам, поради работата која ми е прилично интензивна – открива Богоев.

Едно од прашањата кое спонтано се наметнува, кога се венчавките и почетокот на заеднички живот во прашање, секако е тоа дали младите планираат деца наскоро.

-Деца, секако! Јас би сакал две, исто така и Ивана. Но, ќе видиме каква ќе ни биде среќата – раскажа за ,,Фокус’’ младиот градоначалник.

Вики Клинчарова

Поврзани новости