Љубовен „ол стар“ на Перо и Ружица Антиќ

by Фокус 12:07
12:07

Перо Антиќ, првиот Македонец кој е дел од НБА-лигата и кој поради добрите игри беше избран да биде еден од учесниците на „ол стар“ викендот, на натпреварот наречен „Ѕвезди во подем“. Тој требаше да  игра во тимот на легендарниот играч на Детроит, Орландо и Феникс, Грент Хил. Тимот против кој ќе играат избраниците на Хил ќе биде предводен од уште една легенда на НБА-лигата, екскошаркарот на Вашингтон и на Сакраменто, Крис Вебер. Натпреварот наречен „Ѕвезди во подем“ ќе се одигра на 14 февруари.

Ние ја  поканивме поубавата половина од брачниот тандем Антиќ на прошетка низ Скопје Сити Мол, додека Перо ужива во својот единствен статус на НБА-ѕвезда, Ружица да ни ја сподели нивната љубовна приказна, полна со убави, но и стресни моменти, напнатост пред секој меч и многу емоции на семејството Антиќ . Таа и самата била спортски вљубеник. Ружица е поранешна одбојкарка на клубот „Студент“ и дипломирана новинарка. Во Скопје Сити Мол дојде со нивниот поголем син Лука. Уште на стартот ни откри дека Перо, за жал, нема да игра на натпреварот „Ѕвезди во подем“. Тој има повреда, коската му е пукната и  ќе треба да паузира уште десетина дена. Многумина му велат дека иако нема да игра, доволно е што го избрале, но него многу тешко му падна повредата, во најлош момент – додава Ружица.

- Advertisements -

„Ова беше баш онаа филмска шанса, една во милион, не само за него, за нас како семејство, за сите млади што го сакаат спортот. Ама тоа е, само уште еднаш нѐ потсети дека сѐ си има цена. Ние дури имавме и резервирано билети за „ол старот“, но ги откажавме. За нас лично, многу е поважно е да закрепне од повредата и пак да си ја врати самодовербата од претходно, емотивно ни изјави Ружица.

За да ја растовариме малку од емоциите, со синчето ги поканивме на боулање во Бо Боулинг. Додека тие се забавуваа уживајќи во натпреварот, ние бевме публиката што ги бодри.

ФОКУС Благодарение на Филипс арената, сите дознавме дека со сопругот роденден славите на ист ден, 29 јули. Каква беше првата реакција кога и вие самите го откривте овој податок?

РУЖИЦА Со оглед на тоа дека се запознавме во далечната 2004 година, кога Перо го  познаваа само вистинските вљубеници во кошарката, јас го запознав како обично момче. Интересно беше кога дознавме дека сме родени на ист датум. Перо прво ми побара лична карта, а кај мене проработи суетата поради недоверливоста, па му одговорив дека немам намера да го импресионирам.

ФОКУС Лавовите, астролозите велат дека се дарежливи и луѓе со отворен ум. Поседуваат доминантна природа. Луѓето што ги анализираат животните, посочуваат дека лавицата е главна. Па, еве кој од вас е главниот лав по дома?

РУЖИЦА Па, знаете како, ние живееме мошне динамично, постојано се селиме, патуваме и слично. Кога Перо не е дома, јас се обидувам да поставам некој ред, се обидувам да наметнам некои навики, да создадам некои секојдневни принципи. Кога сме заедно, нема ништо од тоа, нема правила за јадење, нема време за легнување, само адреналин. Перо често е одвоен од синот, па затоа кога сме заедно е мошне попустлив со него. Порано, некако им прогледував низ прсти, но сега настојувам да не им попуштам на тројцата и да си го истерам моето.

ФОКУС Каква е атмосферата кај вас дома, кога следите меч во кој игра вашиот сопруг?

РУЖИЦА Па, избегнувам децата да бидат дома. Вообичаено неговите мечеви ги следиме во друштво, мошне емотивно. Посебно сме нервозни пред натпреварите кои се особено важни, најмногу поради тоа што добро се познаваме и некако ја чувствувам неговата нервоза. Знаете, луѓето мислат дека кај спортистите сѐ е розово, дека им врнат пари, но никој не разбира дека ова навистина е мошне стресна професија.

ФОКУС Како реагира синот? Плаче или се радува, сепак во спортот имаме секакви ситуации, некои деца ги доживуваат малку преагресивно?

РУЖИЦА Па, имало секакви ситуации. Еве на пример се случи да се повреди токму на натпреварот кој го следев заедно со синот. Тој веднаш почна да плаче. Кога беше помал, плачеше и кога татко му ќе го  ставеа на клупа. По Европското првенство во 2011 година стана мошне емотивен, па затоа избегнувам да го изложувам на дополнителен стрес и не форсирам да се следат натпреварите по секоја цена. Сѐ уште се многу мали и со други очи ги доживуваат нештата што ги гледаат. Кога тргна во училиште, често се случуваше татко му да го ословува со Перо Антиќ. Кога го прашав зошто го прави тоа, ми одговори: па, дека е многу познат.

ФОКУС Павел е сѐ уште малечок, но дали вашиот син Лука, кој веќе има 6 години, покажува афинитет кон кошарката?

РУЖИЦА Засега не. За него кошарката е пречка да биде постојано со татко му. За првпат годинава му беше интересно и тоа благодарение на НБА-натпреварите, таму има динамика, а на секој тајм-аут се делат некои подароци, изненадувања. Искрено, не би сакала да чувствува никаков притисок за да ја повтори кариерата на својот татко.

Скопје Сити Мол е место што често го посетуваат, токму поради фактот што живеат во близина. Тоа е местото каде што Ружица ужива во прошетките со синовите. Додека шетавме, имавме чувство дека го знаат секое катче.

ФОКУС Вашиот сопруг беше наш херој. Но, како публика покажавме и неславни моменти, посебно додека беше дел од неговата претходна екипа, Олимпијакос. Како се чувствувавте вие тогаш?

РУЖИЦА Да, тоа беше исклучително тежок период. Имавме голем број непријатности. Лицемерноста измешана со недоволната информираност, надополнета со слободата секој да кажува свој став на многу форуми и портали, направија Перо да помине неколку пеколни месеци. Искрено, многу ми е тешко кога луѓе поведени од одредена група, пишуваат пред добро да се информираат.

ФОКУС  Претпоставуваме не беше лесно кога дојдовте во Грција. Имавте ли некакви провокации, посебно од грчките новинари?

РУЖИЦА Во Грција живееме две години. Најодговорно тврдам дека во ниеден момент немавме ниту една непријатност. Перо го соблекуваше дресот речиси по секој меч, го има истетовирано македонското знаме, сите знаеја од каде сме. Никој никогаш не се осмели да каже каква било неумесна информација за нас или за нашата држава. Во Грција имаат исклучителна почит кон секој спортист. Перо го потпиша договорот веднаш по Европското првенство во 2011 година, а спортските новинари од Грција му честитаа за добрата игра на нашата репрезентација.

ФОКУС  На спортот не сте имуни ни вие. Своевремено бевте една од најдобрите одбојкарки на скопски „Студент“, но како што згаснуваше клубот, Вие се одлучивте да се збогувате со спортската кариера. Дали понекогаш посакувате повторно да се вратите на одбојкарските денови?

РУЖИЦА Јас и покрај тоа што играв одбојка речиси 10 години, никогаш не сум имала некои професионални амбиции. Од денешен агол, добро е што критичните години сум ги поминала посветена на нешто што е добро. Благодарение на мојата игра, успеав да се прошетам низ многу земји, стекнав многу пријателки. Понекогаш добивам желба да најдам работа во која ќе чувствувам некаква припадност, а во исто време и задоволство и опуштеност од самата работа.

ФОКУС  Не се појави кај вас некаква амбиција за тренерска улога, посебно затоа што за одбојката во последно време, интерес покажуваат многу девојки?

РУЖИЦА За мене не постои поубав спорт за девојките од одбојка. Доколку некој има дилема за своите ќерки кој спорт да го одбере, ова е тоа. Тренер не би можела да бидам никогаш, ретко следам, па дури и светска одбојка. Сепак, времето кога играв, за мене е еден од најубавите делови во мојот живот.

ФОКУС  Вие сте дипломиран новинар. Во моментов Македонија ги преживува најтешките моменти кога е во прашање оваа професија. Сепак, посакувате ли да  ја работите професијата за која сте се образувале?

РУЖИЦА Многу долго посакував да работам во новинарството. Сега кога синот тргна во училиште, па тука ќе биде нашата база, сметам дека конечно време е да почнам малку поинтензивно да се занимавам со новинарството.

ФОКУС Кој медиум ви е некако најблизок? Радио, телевизија, весници или порталите на интернет?

РУЖИЦА И покрај тоа што ја сакам технологијата и следам колку што ми дозволуваат обврските, интернет-порталите најмалку ги сакам. Секако, има исклучоци кои редовно ги следам. Имам чувство дека тие не само што не придонесуваат за професијата, туку  во трката за рејтинг и читаност го поттикнуваат говорот на омраза. Чинам дека е вистински момент да се појават неколку квалитетни телевизиски проекти. Мислам дека сериите кои дури и се синхронизирани, па се достапни и на децата, ќе имаат сериозно негативно влијание во иднина. Радио слушам кога сум во автомобил. Весниците ми се најпривлечни. Иако се во фаза на изумирање, сепак сметам дека тоа нема да се случи, едноставно е невозможно поради читачката култура. Кафето не е исто без омилениот весник.

Перо и Ружица се заедно 10 години. Поминале многу мигови исполнети со емоции, но и стрес, напнатост пред секој меч, постојани преселби. Ружица ни откри дека Перо често поради професијата прави големи жртви, посебно во клучни заеднички моменти, како што била на пример нивната регистрација. Таа останала да ги забавува гостите, додека Перо морал да патува на тренинг уште истата вечер, притоа болен со  температура 40. Но, и покрај сите стресни моменти, жртвите што ги бара неговата професија, сепак љубовта им ги полни батериите при секоја нивна средба.

ФОКУС Поради честите патувања, ангажманите на вашиот сопруг, вие веројатно мора ги имате уздите во раце кога е во прашање семејството. Го чувствувате како тежок овој товар во некои моменти?

РУЖИЦА Секогаш  тврдам дека личниот пристап кон работите е најважен. Сите што ме познаваат, знаат дека не сакам да гледам од лош агол на ништо, а најмалку за нашето семејство. Со две деца е и потешко, едното доволно големо секој ден да ме прашува кога ќе го види татко му, другото доволно мало за да не го оставиш ни една минута само. Но, сѐ што правиме е за нивната иднина, а тоа е најважно. Како и сите родители, и ние се трудиме од нив да направиме добри луѓе, образовани, вредни и свои. Мојот баланс е во тоа што знам колку му е тешко на Перо без нив, а од друга страна го гледам и постариот син тука како му е, па се обидувам да ги расположам и двајцата. Ништо не е тешко кога имате љубов. Можеби не сме обично семејство, но секогаш сме тука еден за друг. Во Русија три сезони бевме препуштени еден на друг. Сепак, многу години се во прашање и колку и да звучи како клише, ние сме вистински другари.

ФОКУС Денес благодарение на интернетот некако полесно остануваме во врска со сите, па дури и далечините се намалуваат. Колку често уживате во ваквата блискост?

РУЖИЦА Сега бевме месец и пол во САД. Перо патуваше секој втор ден, така што дури и таму постојано бевме на Скајп. Многу е полесно сега со Скајп, Вибер и слично. Буквално со часови сме вклучени, посебно навечер. Во март повторно ќе одам во САД, па ќе ја истуркаме сезонава некако. Благодарение на новите апликации, барем  телефонските сметки ни се намалија, и тоа значително.

Прошетката во Скопје Мол ја зачинивме и со неизбежниот шопинг. Првото место за ова задоволство беше Спорт Вижн.

ФОКУС Претпоставуваме дека задолжениот за шопинг кај вас дома сте Вие. Па, колку уживате во таа улога? Дали притоа избирате само спортска облека?

РУЖИЦА Би сакала да ја запознаам жената што не сака шопинг.  Перо е задолжен за купување од маркети, со дополнителни инструкции околу мојот напишан список. Најчесто тоа е козметика или средства за чистење. Уживам кога купувам чевли, чанти, шминки, сакам и едноставен накит. Не ги сакам трендовите, сакам да вложувам во парчиња кои се вонвременски.

ФОКУС Сите ние многу знаеме за вашиот сопруг, но малку за вас. Што всушност сака Ружица? Со што ги полни батериите? Што, покрај бодрењето на сопругот и грижата за синовите, ѝ ја сместува насмевката на нејзиното лице?

РУЖИЦА Па, ќе се обидам да не бидам нескромна и ќе набројам неколку работи што навистина ме прават среќна. Љубител сум на книги.  Сега се преселивме во нов стан, па најмногу ѝ се радувам на мојата  библиотека, која се протега на цел ѕид. Имам исклучителни изданија, многу од нив ги донесов од САД, па се обидувам секој ден да го завршам со книга, иако некогаш читањето трае 5 до 7 минути. Како што поминуваат годините, веројатно честите преселби го зедоа данокот, па она што во последно време ми е приоритет е потребата за мир во секојдневието. Среќна сум  кога ќе се дружам со луѓе што имаат став, свои се, па ми стануваат предизвик. Токму затоа и значително го намалив бројот на свои пријатели. Американците имаат еден ритуал, а тоа е пишување новогодишна резолуција со желби и приоритети за следната година. Годинава првпат ја напишав својата. Си ветив дека  годинава ќе се трудам да дејствувам, да не зборувам или мислам, туку  само да дејствувам. Ќе се обидам да им помогнам на жените во Македонија, кои се најзаборавени, жртвите на семејно насилство, самохраните мајки и слично. Сите што можеме, мора од некаде да почнеме.

ФОКУС Често патувавте, живеевте во неколку земји. Како тоа го прифати вашиот поголем син?

РУЖИЦА Лука е роден во Белград. Досега живеел во Софија, Правец, Ростов на Дон, Краснодар, Санкт Петербург и Атина. Ова е прилично импресивно и напорно за едно шестгодишно дете. Секој град, секоја држава има дел во неговата личност. Тоа е позитивно, секако, знае дека постојат многу религии, култури, бил во домови на Руси, Бугари, Срби, Американци, видел како живеат нивните деца. Лука перфектно зборува англиски, а ги посетил речиси сите поважни обележја во секој град. Но, секаде нѐ растажуваше со една иста реченица: уште колку дена треба да седиме тука?

ФОКУС Што носите сега дома како спомен од сите тие привремени живеалишта?

РУЖИЦА Речиси ништо, освен сувенири. Но, насекаде имаме оставано по нешто наше, садови, креветчиња, играчки, едноставно беше невозможно да се обезбеди транспорт. Од Русија, на пример, не се враќав без бабушките, по секоја цена. На крај оставив облека, само за да можам да си ги пренесам рачноцртаните керамички шолји со матрјошки. Перо се шегува со мене дека толку виткани и чувани, сега само за снаите би било логично да ги чувам. Секаде имало по нешто за кое ми било криво што не можам да го носам или да го испратам карго,  ама тоа е. Дури и Лука научи дека мора да се раздели од некои играчки ако се големи и зафаќаат простор.

ФОКУС Која е најљубовната порака што ќе ја пренесете веднаш по овој предизвикувачки викенд, на денот кој кај нас ги спојува љубовта и виното?

РУЖИЦА Би им порачала на сите да не ги следат стереотипите. Да се трудат да бидат подобри со себе, со другите, постојано да се надградуваат. Кога ќе ја пронајдат љубовта, да не дозволат нивните стравови да ја уништат. Секогаш кога ќе го видам Перо, знам дека не постојат правила како треба да изгледа едно семејство, еден брак, еден однос меѓу маж и жена, но нешто што е твое, секогаш те следи каде и да си.

unnamed

За крај, Перо не беше тука да биде дел од љубовната фотографија што сите ја споделуваа во Скопје Сити мол, но затоа тука беше неговиот наследник Лука, кој задоволно, гордо и со многу емоција ја прегрна својата мајка.

Поврзани новости