Љубе: Предраг Чубрило починал, а вие се уште му судите

by fokus 12:58
12:58

На денешното судско рочиште, обвинетиот Љубе Бошкоски, но и дел од одбраната, истакнаа дека имаат информација дека Чубрило неодамна починал, па му порачаа на обвинителството и на судот да проверат. На Чубрило заедно со уште тројца српски државјани досега им се судеше во отсуство, а со првостепената пресуда беа осудени на доживотен затвор, но Апелација го врати случајот на повторно судење.

-Чубрило, колку што јас знам, починал. Вие, пак, и понатаму му судите за двојно убиство, рече Бошкоски.

- Advertisements -

Обвинителката, Лидија Раичевиќ-Вучкова, пак, истакна дека ќе ја провери оваа информација, но му порача на Бошкоски дека во вакви ситуации требало да ги споделува информациите со нив, но и изворите. Бошкоски, пак, и возврати во негов стил.

-Мојот кабинет во „Идризово“ не е до толку опремен. Но ако ми го опремите, ветувам дека ќе ја вршам и вашата работа, па јас наместо вас ќе истражувам, истакна Бошкоски.

Тој додаде уште неколку нови елементи, кои досега не беа споменати во процесот. На судот му предочи дека, покрај починатиот, уште двајца од странските државјани обвинети во процесот, а кои со првостепена пресуда беа осудени на доживотен затвор, имаат докази дека се невини.

-Едниот од нив, дента кога било извршено убиството бил во затвор во друга држава, а другиот престојувал насосема друг континент, додаде Љубе.

Судот даде ветување дека ќе ги провери и овие информации.

На денешното рочиште за случајот „Ровер“, требаше да сведочи сведок предложен од одбраната, но тој не се појави. Според информациите на судот бил на службено патување.

Адвокатите на одбраната, пак, побараа и обвинението да се отфрли, повикувајќи се на забелешките на Апелација, според кои е неразбирливо, нејасно, па дури и незаконско. Но, и покрај ваквите недостатоци, обвинителката, реши случајот повторно да го води со истиот обвинителен акт. Адвокатите побараа и да му се одземе статусот на загрозениот сведок, и тој да сведочи како и останатите сведоци. На ова се спротистави обвинителката, која истакна дека немале такво законско право.

Наредното рочиште за „Ровер“ е закажано за 17 септември, кога ќе продолжи доказната постапка.

Со првостепената пресуда на казна затвор беа осудени Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ. Дванаесет години доби Бошкоски, десет години Зоран Трајковски, по осум години добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по шест Гоце Митревски и Никола Негриевски.

Поврзани новости