Лозарите од понеделник со блокади на регионални патишта

by fokus

Лозари од Неготино и од Кавадарци од понеделник ќе започнат со блокади на регионалните патишта, во знак на протест кон винарската визба ,,Поврдарие,, од Неготино, која што се уште не им ги исплатила парите од минатогодишната реколта. Иако според договорите помеѓу лозарите и винариите, грозјето требаше целосно да се исплати до месец април, сепак, според лозарите, најголемата винарска визба во Неготино, ,,Повардарие,, не си стоела на зборот и покрај тоа што веќе се ближи времето за нова берба.

lozari protest

,,Побаравме средба со претставници на ,,Повардарие,, но денес никој не се појави да се сретне со нас. Апелиравме за помош до Министерството за земјоделие, до градоначалниците на Неготино и на Кавадарци, до пратениците, но сите институции се глуви за нашите барања. Ако проблемот не се реши до понеделник, ќе ги блокираме регионалните патишта,, – велат револтирани лозари.

,,Ги поддржувам лозарите кои што си ги бараат чесно заработените пари. Апелирам до сите винарии да си стојат на зборот и да ги почитуваат роковите и договорите и да не си играат со народот. Ова е лозарски крај, луѓето заработуваат за живот од грозјето. Долгот кон лозарите треба да се плати на време, според одредените рокови!  Не е во моја надлежност да се мешам во работата на ,,Повардарие,, но ова е мој народ и му ја давам поддржката,, – ни изјави Ванчо Апостолов, градоначалник на Неготино.

vanco a10

Лозарите велат дека и во изминатите години имале проблем со наплатата со ,,Поврадарие,, но се надевале дека најавените инспекциски контроли за работата на винариите и новите измени во законот кои што ветуваат заштита на лозарите ќе имаат ефект. Порачуваат дека ќе ги блокираат регионалните патишта, со цел институциите да покажат интерес за решавање на нивниот проблем.

,,Речиси секоја година имаме иста приказна. Затоа треба да се работи превентивно, односно да се блокира визбата ,,Повардарие,, во време на откупот на грозјето, да не се дозволи таму да се однесе грозје, па газдите да почувствуваат на свој грб како е да се остане без денар. Не интересира и тоа, каде се најавените инспекциски контроли, дали некој следи што и како се работи овде?,, – прашуваат лозарите.

sovetnici negotino

,,Повардарие,, е првата приватна винарска визба во Македонија. Основана е во 1963 година со основна дејност  – производство на вино и алкохолни пијалоци. Над 80 % од производството, како наливно или флаширано вино го пласира на странските пазари во Србија, Хрватска, Словенија, Косово, Црна Гора, Чешка, Германија, Кипар и други.

На контакт броевите на винаријата, никој не одговори на нашите повици, со цел да дознаеме зошто не им е исплатено грозјето на лозарите и зошто никој од претставниците на винаријата не се сретна денес со нив.

Инаку, лани, за време на манифестацијата ,,Свети Трифун,, во Кавадарци, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков, пред лозарите потенцираше дека согласно законот, кој нема да го плати грозјето во законскиот рок, му следуваат казни, и се додека не го плати грозјето нема да има лиценца за откуп за наредната година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости