Лозарите најавуваат блокади ако не се реши проблемот со откупните цени

by Frosina Fakova

Претседателот на Здружението „Тиквешки лозароовоштари”, Златко Стојчев најави блокади и протести, ако тие проблеми не се решат во најкус можен рок.

-Бараме субвенции и за извезените количини на грозје, не само за тие што се продаваат на домашни откупувачи. Бараме исто така изградба на државна дестилерија, за решавање на вишоците на грозје, нагласи меѓу другото Стојчев.

Трајче Кулев, претседател на Здружението „Напредни лозари”, рече дека проблемот околу откупните цени за килограм грозје е долгогодишен и исто така побара негово решавање. Тој нагласи дека е неопходно донесување на загарантирана цена за килограм грозје.

-Цените кои досега ги објавија одделни винарии се срамни, понижувачки, омаловажувалки. Диктираат цени и кај другите, што е нефер и некоректно. Затоа бараме да прекине тој монопол со цени што е присутен секој гроздобер. Има појава на винарници кои никнуваат како печурки по дожд, манипулираат со лозарите па одат во стечај, додаде Кулев.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека откупните цени на грозјето оваа година ги усогласиле на состанок со сите винарии.

– Годинава откупната цена на грозјето ќе биде за два денари пониска. Наместо 13 денари Вранец ќе биде 11, наместо 11 денари Смедеревка ќе биде девет, но затоа тие два денари дополнително Владата ќе ги интервенира. Така стигаме до четири денари интервенција и просечна откупна цена на Вранецот од 15 денари и на Смедеревка од 13 денари, изјави Заев.

Посочи дека со винариите е разговарано и е утврден пат по кој ќе се движи, уште во четвртокот пред да биде избрана владата, и најави дека утре ќе ги посети лозарите од Тиквешијата, заедно со министерот за земјоделие, каде ќе ги информира за разговараното со винариите.

Поврзани новости