Лозано се подготвува за концертот во Охрид: Да ја повториме истата атмосфера од скопскиот концерт!

by fokus

Поп пејачот Влатко Лозаноски – Лозано деновиве се подготвува за големиот концерт кој ќе се одржи на втори август на стадионот Билјанини извори во Охрид.

Во ек на туристичката сезона во Охрид, кога градот е преполн со посетители од сите краеви, речиси во секое второ кафуле можат да се слушнат хитовите на кичевчанецот, како загревање пред настанот. Ова ќе биде негов втор голем концерт годинава, по оној во Скопје, кој се одржа во арена Борис Трајковски кон крајот на март, а за кој влезниците беа експресно распродадени.

-Се уште се присутни импресиите од концертот во Скопје, пред околу пет месеци. Да ја повториме истата атмосфера и позитивна енергија и во Охрид – порача Лозано, а како гости на настанот ги најави Антонија Гиговска и Лина Пејовска.

Младиот пејач кој е присутен на сцената околу една деценија, во изминативе неколку години станува се попопуларен и го добива статусот на музичка ѕвезда. Неговата песна ,,Километри”, е најслушаната нумера во земјава во 2018 година, според официјалните податоци од ЗАМП, Здружение за заштита на авторски музички права. Веднаш по неа, на второ место по слушаност се наоѓа исто така неговата песна ,,Мандарина”, а на четврто место е неговиот хит ,,Јако, јако”.

И минатата година, кога ЗАМП ја објави листата со најкористени домашни авторски дела за 2017 година, Лозано повторно беше на првото место со песната ,,Мандарина”.
Концертот во Охрид кој ќе се одржи симболично, на празникот Илинден, ќе започне во 21 часот. Влезниците до 18-ти јули се продаваа по цена од 350 денари, додека пак сега цената за билет изнесува 450 денари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости