Лов на Ковид-19 позитивни пациенти во Тиквешијата: Се тестирале, ама не седат дома!

by Frosina Fakova

До овој момент денес имаме осум нови случаи на Ковид-19 во Кавадарци и два случаи во Неготино.

-Се чекаат резултати за повеќе граѓани на кои им е земен брис, а моментално ги бараме веќе позитивните чии резултати стигнаа, но и работиме на утврдување на нивните контакти, појаснуваат за „Фокус” од Центар за јавно здравје Кавадарци.

Додаваат дека од утрово се обидуваат да стапат во контакт со 20-годишна девојка од Кавадарци, чиј позитивен резултат стигнал, а не можеле да ја најдат. Таа била тестирана бидејќи имала контакт со веќе позитивен пациент. И покрај тоа што по земање на брис треба да се остане во изолација до добивање на резултатот, и да се престојува на наведената адреса, многумина тоа правило не го почитувале.

-Позитивните од Кавадарци се на возраст од 17 до 63 години. Дел од нив се тестираа бидејќи имале контакт со инфицирано лице. Сите се со лесна клиничка слика, на домашно лекување. Во Неготино пак, поради пројавени симптоми, досега добивме резултати за две лица кои се тестираа. Станува збор за жени на возраст од 59 години од кои едната живее во Криволак. И двете не знаат како се инфицирале. Ова се резултатите кои ги добивме до овој момент, се очекуваат уште резултати наскоро за останати лица кои се тестирани, велат од Центарот.

Вирусот забрзано се шири во Тиквешијата, а здравствените власти апелираат да се почитуваат мерките. Вечерва по повод празникот Илинден во Пепелиште има голема селска слава на која се очекуваат гости од страна, односно од Криволак, Неготино, Кавадарци… Од центарот редовно порачуваат да нема групирања со цел да се спречи ширењето на вирусот. Во Кавадарци активни се 52 случаи, додека во Неготино активни се седум.

Вики Клинчарова

Поврзани новости