Локалните избори на 17 октомври – отворените советнички листи неизвесни

by fokus 08:16
08:16

Предлог-датум за локалните избори останува 17 октомври согласно Изборниот законик, но засега е неизвесно дали за изборот на советници ќе има отворени листи, бидејќи за ваквиот концепт ќе се дискутира откако Собранието ќе ги донесе измените во Изборниот законик.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека според предлогот од работната група во којашто учествуваат сите политички партии, останува локалните избори да се одржат на 17 октомври, како што е утврдено во Изборниот законик.

- Advertisements -

– Имаше дилеми заради трите дена поклопување на пописот со кампањата, но на крајот се одлучи дека трите дена не менуваат ништо. Пописот е обична активност која што финишира преку ден, кампањите се водат навечер. Впрочем пописот секојпат се вршел 20 дена, овој пат е определен 30 дена, може навистина да се заврши и порано. Значи има доволно време, така што нема потреба од какви било промени на датумот на изборите, рече Заев.

Тој вчера истакна дека преговорите во работната група за Изборниот законик се воделе повеќе од еден месец со учество на сите парламентарни политички партии, при што се договорени и денот за датумот на изборите, модалитетите за отворени или затворени листи, како и за сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР, меѓу кои и препораката за унифицирање на прагот на неопходни потписи за поднесување на листите.

– Мислам дека таа препорака на ОБСЕ/ОДИХР за да се унифицира прагот на собирање на потписи на сите во процентуален износ е вградена и треба да ги почитуваме препораките на ОБСЕ/ОДИХР, додаде Заев.

Министерот за правда Бојан Маричиќ, пак, информираше дека предложениот текст за измени на Изборниот законик ги содржи препораките на ОБСЕ/ОДИХР од Извештајот од парламентарните избори што треба да се имплементираат и би било несоодветно која било партија да го блокира подобрувањето на изборниот процес, што е и целта на препораките.

Што се однесува до конечниот концепт за отворени листи за локалните избори или каков било друг концепт, според Маричиќ, ќе мора да се дискутира откако Собранието ќе ги донесе измените на Изборниот законик.

Тој соопшти дека она што го предложила работната група за Законикот во однос на отворените листи се однесува на една преференцијална можност, односно да се гласа и за партија или коалиција, но и за еден кандидат од листата на советниците предложени од таа партија или коалиција.

Прагот за еден советник да може да биде избран по тој преференцијален метод е три проценти од вкупно запишаните гласачи во општината во која се гласа. Оние кандидати за советници кои ќе добијат поголем број преференцијални гласови од трите проценти ќе бидат избрани автоматски.

– Доколку една партија освои повеќе советници од само преференцијалните, пример 10 советници, а три само од нив освоиле три проценти од запишаните гласачи, останатите седум ќе бидат избрани од редоследот на предложената кандидатска листа на партијата за советници или коалицијата за советници на тие избори, појасни Маричиќ.

Според него, би било чудно доколу токму помалите партии кои го отвориле прашањето за отворени листи сега се обидат да го блокираат Изборниот законик во овој дел.

– Отворени сме за дијалог како Влада и партиите во Собранието што го чинат парламентарното мнозинство се отворени за дијалог. Не е целта да се наметне ова решение, целта е со консензус да се усвои Изборниот законик, како што е досегашната пракса кај нас, потенцира министерот Маричиќ.

Ако нема согласност за овој момент, истакна Маричиќ, останува да се имплементра постоечкиот модел, со подобрувањата што доаѓаат од ОБСЕ/ ОДИХР и се преточени во Предлогот на Изборниот законик и на тој начин ќе се оди со постоечките решенија.

Поврзани новости