Локалната власт не им помогнала, па сами си асфалтирале улици во велешко Горно Оризари!

by fokus

Жителите на велешко Горно Оризари од сопствени средства обезбедиле финансии за асфалтирање на улици во нивната населба, во должина од 900 метри, откако не добиле помош од Општина Велес. Сложни, сите со заеднички сили за девет дена успеале да ги асфалтираат улиците со површина од 4.5 илјади метри квадратни.

Претседателот на месната заедница Енвер Карталовиќ за ,,Фокус” вели дека ова не е прв пат жителите сами да се заложат околу населбата и со сопствени средства да ја средуваат својата околина.

-Имавме повеќе разговори со Општина Велес и градоначалникот Аце Коцевски. Во 21 век, не е воопшто луксуз да се бара асфалт, тоа е наше право. Цела година имавме разни ветувања. Дојдовме до ситуација кога понудивме локалната власт да финансира половина од проектот, а другата половина ние самите. Но, ниту од тоа не испадна ништо, немало доволно средства во буџет, па затоа ние жителите решивме сами да ги собереме потребните средства и да си ги асфалтираме улиците – раскажува Карталовиќ.

Додава дека во Горно Оризари живеат Бошњаци, имало околу 3.000 жители, од кои околу половина живееле во странство. Сите, кој колку можел, донирал, и се започнало со работа.

-Имаме околу 600 куќи, жителите кои не се во странство претежно се занимаваат со земјоделство, одгледуваат бостан, тутун, имаат стока. Целиот овој проект изнесуваше околу 50.000 евра, сите дадоа свој придонес, кој колку што може. И околу изведбата на улиците, се изработивме сами, сите се вклучивме. За помалку од десет дена, успеавме да асфалтираме – појаснува претседателот на месната заедница.

На страницата на Горно Оризари се објавени фотографии од тоа како течела работата, а потоа и снимка од дрон, на која се гледа резултатот.

-Не запираме овде, сложно, за се што треба, ние се трудиме нашата населба да го добие вистинскиот лик, да ги имаме основните услови за квалитетен живот – ни изјави Карталовиќ.

Се обидовме да добиеме коментар на темава и од велешкиот градоначалник Аце Коцевски, околу тоа како во најголемата населба во Велес се случило жителите самите да си асфалтираат улици, со сопствени средства, но до објавата на веста не добивме повратен одговор.

-Сега, кога ќе сакаат да ви поминат од власта или од опозицијата, да им наплаќате патарина – е еден од многуте коментари на страницата на заедницата, по повод настанот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости