Лица позитивни на вирусот од Велес се вработени во ЈП Национални шуми

by Fokus

Од Министерството за здравство во средата беше потврдено дека во Општина Велес се регистрирани првите три позитивни случаеви на корона вирус. Се чекаат резултатите од брисовите на околу 60 лица кои биле во контакт со заразените.

,,Фокус” дознава дека станува збор за две лица вработени во ЈП Национални шуми, односно жена висок функционер и возач во претпријатието, а исто така и сопругот на функционерката бил позитивен на вирусот.

Градоначалникот на општината Аце Коцевски вчера ни потврди дека заедно со сопругата е во самоизолација и од дома ги извршува работните обврски. Тој раскажа дека неговата сопруга д-р Билјана Коцевска е матичен лекар на две од позитивните лица, и имала контакт со нив, па поради тоа и тој доброволно се самоизолирал.

Според неговите сознанија, лицата биле во контакт со првозаразениот маж од Кавадарци, кој исто така е висок функционер во ЈП Национални шуми. Резултатот од неговиот тест беше готов во петокот, по што тој и неговата сопруга која е лекар и исто така е позитивна, беа сместени на клиниката во Скопје, а 67 лица од Кавадарци кои имале контакт со нив беа тестирани.

Првичните тестови на сите од Кавадарци беа негативни, а тестираните остануваат во самоизолација. На социјалните мрежи велешани деновиве апелираат до сите кои имале било каков контакт со позитивните лица, веднаш да се самоизолираат и телефонски да ги известат надлежните служби.

-Немојте да се криете, за доброто на целиот град! Не е срамно да се заразите, срамно е да се криете и да ги доведете сите во опасност! – реагираат граѓаните.

На страницата на ЈП Национални шуми е објавено известување дека претпријатието од првиот момент ги превзело сите потребни активности и мерки за заштита од корона вирусот. Била извршена дезинфекција на сите објекти и извршена била набавка на дезинфекциони средства и опрема.

-Во овие тешки моменти за сите нас, за претпријатието и пошироко, кога повеќе од се, потребно ни е заедништво и соработка, апелираме до вработените да запрат со дезинформации, омраза и сеење на страв. Само така ќе успееме да ја надминеме оваа состојба и пред се да го зачуваме сопственото и колективно здравје. Исто така информираме дека ќе бидат превземени сите мерки за спречување на било какви дезинформации, и санкционирање на сите дејствија кои придонесуваат за отежнување на состојбата во претпријатието и пошироко. Значи дека секој вработен кој шири и пласира дезинформации или лажни и непроверени информации со кои се загрозува нормалното функционирање на претпријатието ќе сноси законски последици – наведено е во соопштението кое е потпишано од директорот на ЈП Национални шуми, Зоран Ѓорѓиев.

Резултатите од брисовите од лицата кои биле во контакт со позитивните велешани се очекуваат да бидат објавени во тек на денот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости