Литовски: Со бугарската антимакедонска политика не може да имаме добрососедски односи

by Fokus

Се затегнуваат односите Софија-Скопје, откако вчера  Бугарската академија на науките (БАН)  усвои став дека македонскиот јазик не постои и дека тој е „писмено-регионална норма на бугарскиот јазик”. Постапката на БАН е одговор на потегот на Собранието на МАНУ, кое на 3-ти декември усвои Повелба за македонскиот јазик, во која ги изнесе научно признатите факти за македонскиот јазик.

-Ставот на БАН за непризнавање на македонскиот јазик и неговиот третман како „писмено-регионална норма на бугарскиот јазик“ е само логичен континуитет на вкупната повеќедецениска бугарска антимакедонска, асимилаторска и денационализаторска, политика. Ваквата антимакедонска реакција на БАН, како и низата провокативни и антимакедонски јавни искажувања на мнозина од бугарските историчари и политичари во последните месеци, е фактички само материјализација на скоро едногласно усвоената Декларација за Македонија од Бугарското народно собрание во октомври 2019 година. Без промена на таквата политика, што пак е подолготраен процес, не може да се очекуваат позитивни поместувања во македонско-бугарскиот дијалог и во добрососедските односи, вели за „Фокус“, Д-р Александар Литовски, историчар и член на мешовитата македонско-бугарска комисија.

Историчарот Драги Ѓоргиев , претседател на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, претходно за „Дојче Веле“ објаснува дека не е изненаден од ваквиот став на БАН.

-Не гледам ништо ново. Тоа е генералниот став на сите лингвисти во Бугарија. Но, ова ги доведува во апсурдна ситуација и односите меѓу двете земји, а секако и работата на заедничката Комисија“, вели Ѓоргиев.

Според него, ваквата атмосфера доминирала и на  состаноците на Комисијата.  Неговите бугарски колеги во разговорите избегнувале во историска смисла да ги користат термините „македонски јазик“, „македонска нација“, „македонска култура“. До неодамна, во записниците за работата на Комисијата се користеле термините „македонската страна“ и „бугарската страна“, но од последните два состанока во употреба бил друг термин: „историчарите од Република Северна Македонија“. Избегнувањето на придавката „македонски“ го објасниле со одредби од Преспанскиот договор, каде таа не се користи за институции и тела формирани од државата, а во тој корпус спаѓала и Комисијата како тело формирано од Владата.

Бугарските медиуми потсетуваат дека заедничката Комисија (формирана како резултат на Договорот за пријателство и соработка), која треба да ги расчисти историските и образовни прашања меѓу двете земји, ја прекина својата работа на шест месеци поради претстојните предвремени избори во Македонија.

 

Поврзани новости