Листa ко листa, чуда тристa

by fokus

Генералниот став дека ова се највонредните можни вонредни избори преку кои треба да им се нанесе првиот пораз на клановите и фамилиите и државата да им се врати на граѓаните оневозможува, во голема мера, да се има поединечен став околу тоа кој од тие граѓани ќе биде нивниот претставник

Пишува
Рамадан РАМАДАНИ

Со објавување на листите на коалициите и партиите за вонредните парламентарни избори и нивното потврдување од страна на ДИК настанаа многу моменти кои би можеле да дадат за право да коментираат дури и тие што се определија да немаат одреден став околу кандидатите за пратеници.

Таквите луѓе без конкретен став за конкретни имиња, меѓу кои сакам да спаѓам и јас, главно би аргументирале за своето немање став поради вонредноста на овие вонредни избори, при што вонредноста на моментот за ослободување на државата би ги потиснала сите преференции за последователните чекори за оживување на собранието, подобрување на претставувањето на граѓаните и враќање на граѓанскиот суверенитет и предимство а не на чудните кланови, партии или фамилии кои долги години се затскриваа под плаштот на државата.

ЛИСТАТА НА ВЛАСТА И НА СЈО – ИСТИ

Всушност, генералниот став дека ова се највонредните можни вонредни избори преку кои треба да им се нанесе првиот пораз на клановите и фамилиите и државата да им се врати на граѓаните оневозможува, во голема мера, да се има поединечен став околу тоа кој од тие граѓани ќе биде нивниот претставник. Вака, без исполнување на тој предуслов секоја преференција ризикуваше да биде основ за неисполнување на основниот предуслов.

Како некоја одлука за прекинување на свршувачка поради недоразбирањето кај кого од децата несудениот брачен пар ќе ја поминува староста?! Ниту бракот склучен, ниту децата родени, а овие двајца веќе разделени без да бидат земени а притоа и самите тие млади и нималку остарени.

Но, за овие избори и без конкретен и определен став за определени имиња имаше многу генерални моменти вредни за коментар. Првиот е секако кандидатите на власта во кои генерално се гледаше колкумина се совпаѓаат со имињата на листата на СЈО. И ако кај другите листи се гледа кој се е присутен на нив, кај власта се забележуваше кого го нема на листите.

Така, тие имиња кои се на листата на СЈО а ги нема на листата за пратеници однапред беа осудувани како повеќе обележани, ако не и веќе осудени. Се гледа дека, сепак, СЈО ќе го има уште долго и во каков било случај и дека тоа го увиделе и тие кои декларативно застанаа против оваа институција. Сепак, имињата на листата за пратеници ги одредувале и според листата на СЈО.

ЉУБИ СЕ ИСТОК И ЗАПАД

Нешто слично како во случајот на помалиот ортак во власта ДУИ, кој е пред исчезнување, за листите во втората изборна единица. Имено, се мислеше дека поради фактот дека и Куманово со околијата спаѓа во таа единица, од ДУИ се решиле за ваков крајно некумановски избор и дека не го сакаат Куманово. А при неодамнешното блокирање на одржувањето партиски настан на ДУИ, од страна на граѓаните, се виде дека всушност Куманово и кумановчани нив не ги сакале.

ДПА, од друга страна, е со фокус на единствениот кандидат кој е важно да е со својство пратеник, зашто е и претседател. Од листите се гледа дека останатото и не е толку важно. Важно е самиот тој, според неговите зборови, да „влегува – излегува“ од собранието, владата или од опозицијата.

Опозицијата, од друга страна, направи некаков обратен избор. Новите опозициски партии, како Беса и Движењето за реформи, ги направија листите премногу партиски а СДСМ премногу непартиски. Но, тоа може да е само првиот впечаток за нив и сепак, вонредноста на овие избори да им донесе вонредни резултати. Да се надеваме дека идејата за листи – „љуби се исток и запад“ нема да излезе „љуби се одбрана и напад“.

Поврзани новости