Лилјана Петровиќ за ,,Фокус’’: Одам во Крушево и нема причина да се мразиме со родителите на Тоше!

by Fokus 15:44
15:44
Откако минатиот месец во неколку регионални медиуми беше објавено интервју со Лилјана Петровиќ, менаџерката на Тоше Проески, во кое наводно изјавила дека не оди во Крушево и не го посетува неговиот гроб, таа веднаш се јави со демант на својот Фејсбук профил, информирајќи ја јавноста и илјадниците фанови на Проески кои ја следат на социјалните мрежи, дека интервјуто е измислено.

Деновиве на својот профил, таа објави фотографии од Крушево, потврдувајќи го уште еднаш својот демант, а за ,,Фокус’’ раскажува дека фотографиите ги постирала поради многубројните обожаватели на Проески.

- Advertisements -

,,Јас и во минатото одев на гробот на Тоше. Информацијата дека не сум била цели десет години е голема лага! Овој пат, објавив фотографии од Крушево на социјалните мрежи поради фановите на Тоше. Многу од нив ми пишуваат и сакаат да ги споделувам спомените и фотографиите на Фејсбук. Тажна сум, и тоа никогаш нема да престане!’’ – вели Петровиќ, која неодамна била во Македонија, да го посети гробот на Тоше, но и поради професионални обврски, односно бидејќи пејачот од Босна за чија кариера започнала да се грижи од неодамна, ќе започнел да се претставува пред македонските медиуми.

Околу гласините дека ги прекинала контактите со родителите на Тоше по несреќата, и се немаат сретнато цели десет години, вели дека и тоа е само уште една невистина пласирана во јавноста.

,,Во контакт сум, и во добри односи сум со родителите на Тоше. Не се мразиме, и нема причина за такво нешто. Се видов со нив кога неодамна бев во Крушево. Јас доаѓам таму, но тоа го правам кога не е тој 16 октомври (годишнина од смртта на Тоше)’’ – раскажува Петровиќ, која веќе со години наназад живее во Ниш, соседна Србија.

За одлуката на владата, која беше соопштена пред десеттина дена, дека ќе се одвојат 10 милиони денари од буџетот за средување на гробното место на музичката ѕвезда, вели дека родителите на Тоше сакале самите да му направат споменик, но претходната влада не им дозволила, бидејќи бил почесен граѓанин.

,,Родителите на Тоше сакаа сами да му подигнат надгробен споменик. Ја знам целата вистина. Претходната влада не им дозволи, бидејќи бил почесен граѓанин на Македонија, а десет години не успеаа ниту споменик да му направат. Тоа е единствената вистина за се. Се друго се неупатени нагодувања,’’- изјави Петровиќ за ,,Фокус’’.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости