Поповска бара да не се дефинира вонбрачната заедница во Уставот

by Фокус

Претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска денеска на јавната расправа во Собранието побара да се промени амандаманот со кој покрај бракот се дефинира и вонбрачната заедница како заедница меѓу еден маж и една жана.

За Поповска, која инаку е коалициски партнер на Груевски во Владата, неприфативо е дефинирањето на вонбрачната заедници и таа ќе гласа против овој амандаман ако не се извади формулацијата.

– Овој амандман претрпе суштествена измена во летниот период. Додадена му е дефиниција за вонбрачна заедница и партнерство, која е исто така дефинирана каква смее да биде. Со оваа додавка амандманот стана проблематичен и неприфатлив. Имено, се навлезе во приватната сфера на граѓаните, што е недозволиво според меѓународните конвенции за почитување и заштита на човековите слободи и права. Како може државата да се меша во приватниот живот на луѓето и да им ѕирка во домовите – прашува Поповска.

Според неа, не се само ЛГБТ-луѓето тие што ќе бидат со ова оштетени, туку и други граѓани, кои од различни лични причини се здружиле во заедница – тоа може да биде и постар човек и дете, кои живеат со други луѓе.

– Ако е дозволено само хетеросексуално партнерство и заедница, тогаш се изведува заклучок дека се друго е забрането. А она што од државата е забрането, таа може да го гони. Се поставува прашањето: дали државата има намера да ги гони ЛГБТ-луѓето? Поради која причина и со која цел? Јас верувам дека сегашните предлагачи немаат таква намера, но кој ќе гарантира дека некои идни спроведувачи нема по тоа да посегнат? Македонија е земја која има многу сериозни проблеми и се бори со нив, повеќе или помалку успешно. Нам не ни требаат измислени непријатели. Се работи за живи луѓе, наши сограѓани, ЛГБТ-луѓе. Малцинска групација, како и во секое општество, која не може надвор од својата природа и која има право на живот, на работа, на правда, на љубов. За луѓе се работи, различни од мнозинството. Луѓе кои не смеат да бидат дискриминирани, ни понижени. И кои дефинитивно не треба да се мразат. Ниту да се мразат оние, кои не ги мразат ЛГБТ-луѓето – порача пратеничката.

Во првата верзија беше дефиниран бракот како заедница меѓу еден маж и една жена и амандамаот како таков Поповска го поддржи.

Поврзани новости