Лила: Своето си го чувам, туѓото не го сакам!

by Фокус 13:29
13:29

Речиси две децении ви се смешка од телевизискиот екран. Почна на МТВ, но се навлече на Сител. Квизовите ѝ се нејзина слабост. Сака забава и насмевки наместо вести. По теркот на светските ѕвезди, таа е една од ретките што заработуваат од својот лик кај нас. Елена Лука креира специјално за неа. Вага според астролошката припадност, со по некој Лав во една од куќите, а токму тој е клучниот за нејзината организираност. Лила Стојановска е наше друштво за прошетка низ Скопје Сити Мол.

ФОКУС: Која ќе беше вашата професија доколку пред речиси две децении не се појавевте на аудицијата на МРТВ?

- Advertisements -

ЛИЛА: Веројатно ќе градев кариера на медицина. Кога ме открија на аудицијата, се запишав на Филолошкиот факултет. Меѓутоа, медицината ја сакав отсекогаш, посебно ме интересираше хирургијата, посебно пластичната. Сигурно ќе бев добар хирург, доколку ме одбиеја на аудицијата, која го смени мојот живот. Ако не сум водителка, сигурна сум дека ќе бев одличен пластичен хирург.

ФОКУС: Не го доживеавте ли ова како своевиден предизвик да направите емисии во кои би ја вклучиле медицината?

ЛИЛА: Па, јас на извесен начин тоа и го направив, кога бев дел од утринската програма. Сегментот од медицината во состав на таа програма беше мојот омилен дел. Секако тоа не е многу, но, сепак, доволно ја хранеше мојата љубов кон оваа професија. Секако, доколку во иднина се создадат некакви услови за емисија во која би вклучила повеќе од оваа професија, би сакала тоа да биде концепт како шоуто на Д-р Оз. Јас не би била докторот во тој проект, тоа би било некое стручно лице, но јас би се појавила во улога на медијатор.

ФОКУС: Дали сакавте да бидете водителка на забавни емисии во моментот кога влеговте во овој медиумски свет? Имавте ли некој конкретен концепт како се замислувавте кога се пријавивте на аудицијата?

ЛИЛА: Луѓето велат, случајните работи, случајно се случуваат. Јас сосема случајно видов дека има аудиција на МТВ за Зимската рекреативна програма во тоа време. Се бараа нови и млади лица. Кога го видов огласот, да бидам искрена, немав никакви очекувања, едноставно сакав да си ја пробам среќата. Се сеќавам дека едвај ја најдов просторијата каде што требаше да се реализира аудицијата. Но, кога седнав таму, веднаш почувствував дека тоа е она вистинското, камерата ми е пријател. Така е до денес.

ФОКУС: Кога почнавте, вашите очекувања беа врзани за МТВ или се насочувавте и кон другите телевизиски куќи?

ЛИЛА: МТВ е мојата прва телевизиска куќа. Морам да кажам дека кога одам таму од кои било причини, секогаш имам убави спомени. Мојата идеја, мојата желба во тоа време беше да бидам дел од екипата на МТВ, која тогаш беше врв во медиумскиот свет. Таму беа Бранка Станковска, Лилјана Крстевска… една одлична екипа на професионалци. Убаво ми беше во таа телевизија, убави беа моите почетоци, посебно во забавните редакции. Сметав дека мојата кариера ќе почне и ќе заврши таму.

Тимот на Елена Лука е креатор на нејзиниот изглед на телевизија. Па, во нивниот салон во Скопје Сити Мол имавме можност да ја разгледаме линијата креирана специјално за Лила, која е достапна за продажба во салонот на Елена Лука во Скопје Сити Мол.

ФОКУС: Посакавте да бидете презентер на вести некогаш, посебно поради фактот дека вестите во Македонија најчесто се најгледаната програма на телевизија, независно за кој медиум станува збор?

ЛИЛА: Никогаш. Сите што ме познаваат, знаат дека јас сум многу позитивна личност, па некако не би можела мојата природа, мојот карактер да го вклопам во вестите. Кога бев дете, пеев, имитирав, правев забава со интересни сценски настапи, некако секогаш повеќе ме привлекувала забавата, а тоа никако не може да се вклопи во концептот на вестите. Јас сакам да предизвикувам насмевки кај луѓето, сакам да ги забавувам со своите емисии или настапи. Многу сум среќна кога ќе ме видат и ќе ми кажат дека еден час со мене на екранот заборавиле на своите грижи. Токму затоа забавните програми се местото каде што вообичаено се наоѓам.

ФОКУС: „Енигма“ беше производот што најдобро ве претстави кај гледачите, практично тој беше вашата отскочна штица на телевизија. Колку вие сакате квизови? Дали ги следите на странските канали?

ЛИЛА: Кога нешто вистински ќе посакаш, целиот универзум ти создава простор и услови да ти се реализира желбата. Квизот „Енигма“ беше еден од програмите што ми беа омилени. Се присетувам додека го следев, еднаш за миг се замислив како негов водител, едноставно се видов себеси во таа улога. Јас во тој период бев млада мајка со бебе, немав работа, а „Енигма“ беше некаде на својот почеток на Сител. Тој квиз ми беше секојдневна забава. И претходно бев љубител на квизови на телевизија. Сите ние растевме со „Квискотека“, сите многу го сакавме Оливер Млакар, кој беше фантастичен, забавен и интересен, секогаш заштитен знак на овој квиз. Некако, длабоко во себе, бев убедена дека еден ден во животот и самата ќе водам квиз на телевизија. Па, ете во Сител тоа и ми се оствари. Таму отидов случајно, по нешто сосема друго, а се сретнав со режисерот Лазе Паковски, кој ме познаваше од МТВ и ме праша што правам. Тој ми кажа дека јас сум телевизиски лик и тоа добар, а тоа морам да признаам дека е еден од најубавите комплименти за мене. Тогаш ми предложи да го водам квизот „Енигма“, јас прифатив, а сѐ друго е веќе убава историја.

Уште по првите неколку емисии, реакциите беа фантастични, иако јас сѐ уште не бев задоволна од себе, знаев дека можам повеќе. Во тој период, Јасминка Јаневска напиша неколку убави збора за мене во „Утрински весник“ како убава критика, а таа важеше за личност на која зборот ѝ тежи. Во тоа време, ако таа напишеше некој збор за тебе, тоа значеше дека твојата кариера добива насока според тоа што таа го пишуваше.

ФОКУС: Каков е вашиот заклучок за телевизиската програма, сега по две децении опстојување на екранот како еден од препознатливите телевизиски ликови?

ЛИЛА: Па, од еден период на хиперпродукција на најразлични емисии, сега сме во некоја обратна ситуација, во која ретко може да се забележат телевизиски емисии, освен телевизиските серии. Во моментов мислам дека имаме најмала понуда на забавна програма. Она што го имаме на телевизиите сега е под секое ниво. Порано, сите ние имавме желба да се докажуваме и покажуваме, сега тоа едноставно го нема. Сега едноставно немате предизвик со кој би се натпреварувале. Нема емисии што ќе ве мотивираат и вие да се подобрувате. Тоа е здраво во оваа професија. Сега сѐ е едно мирно, мртво море. Мене ми недостигаат и моите колешки, но и нови ликови на екраните. За жал, тоа го нема. Не успеавме сите овие години да ја најдеме идеалната средина, да има доволно програма на телевизија, ни премногу, ни премалку.

ФОКУС: Што не сакате да следите на телевизија?

ЛИЛА: Па, серии, сигурно не. На овој народ му недостигаат забавни емисии, недостасува нешто што ќе ги орасположи, ќе им го одвлече вниманието од секојдневните грижи. Недостасуваат музички емисии, детски програми…

ФОКУС: Деновиве најактуелни се обидите со субвенции да се раздвижи македонската музика, да се разбуди македонската естрада. Медиумите имаат обврска да емитуваат македонска музика. И вие имавте обид да влезе во музичкиот свет. Не се субвенциите доволен мотив да запеете пак? И од друга страна, не ли се тие доволен мотив за шоу-програма во која ќе се повикаат на гостување сите тие музички имиња?

ЛИЛА: Да не се лажеме, уште веднаш да потенцирам дека јас не поседувам некои посебни гласовни можности. Никогаш себеси не се декларирав како пејачка. Јас бев само забавувач. И во тоа време кога го направив тоа, јас не се продавав себеси како некаква пејачка. Едноставно тоа беше дегутантно покрај музичари, како еден Тоше, Калиопи… Јас се забавував. Моите настапи беа такви, вклучуваа стендап-програма, добро заработував и одлично се забавував. На публиката тоа ѝ се допаѓаше. Но, тоа не им се допадна на моите колеги, кои некако беа мошне погодени од тоа. Мене просто не ми се веруваше каква е нивната реакција. Ме критикуваа како да имав некаква силна желба да градам музичка кариера. Јас не се обидував да го правам тоа, не се обидував да одам на Евровизија, иако искрено и тоа немаше да биде погрешно тргнувајќи од фактот што таму, на таа сцена има повеќе сценски настап, повеќе забава од квалитетна музика. Луѓето тоа го сфатија толку сериозно, а јас ниту сакав, ниту, пак, се обидував тоа да биде така. Затоа, на музиката никогаш не би ѝ се вратила сериозно. Немам план и амбиции да правам концерти со голема посетеност.

Во однос на вториот дел од прашањето, морам да потенцирам дека по одличната гледаност на „Сѐ или нешто“, доколку не би го работела овој проект, кој е по холандска лиценца, повторно би избрала да правам квиз, отприлика нешто во стилот на „Енигма“ со сериозни награди. За друг тип шоу-програма со гости, не би се нафатила воопшто бидејќи по 5-6 емисии ќе се потрошат моите гости. Ние едноставно тука немаме естрада, да бидеме искрени, немаме ликови што ќе бидат интересни и публиката ќе сака да ги следи. Ако имам таква емисија, ќе траба да ја завршам веднаш по нејзиното 5-то издание. Ќе треба да помине време, неколку години за да се создаде естрада, да се креираат ликови кои ќе се обидат да го задржат вниманието. Е дури тогаш ќе имаме зрели услови за токшоу-програма со интересни гости. Јас не би сакала да имам емисија во која гостуваат Цеца, Аца Лукас и слични. Тоа ми е дегутантно. Штета што тука имаме погрешни репери, најлошо е што сите ние им даваме простор и внимание.

ФОКУС: Што сакате тогаш да гледате, ако нашата телевизиски понуда е сиромашна? Кои канали практикувате да ги следите?

ЛИЛА: Телевизија следам кога ми дозволува слободното време. Најчесто во тие моменти следам Класик ТВ или каналот Е-њус, на кој моето внимание го преокупираат речиси сите емисии, освен шоуто „Кардашијан“. Тие се направени извонредно и се одличен репер за квалитетна и забавна телевизиска програма. Сакам да гледам филмови, тоа најчесто ми го задржува вниманието. Во текот на денот гледам и едно издание на вестите за да бидам во тек.

ФОКУС: Се појавивте и во улога на водителка на утринска програма, но само кратко. Зошто? Не видовте ли доволно мотив во тоа? Во светот најпознатите водители се токму луѓето што ја креираат утринската програма на најпознатите светски канали?

ЛИЛА: Се согласувам за констатацијата околу утринската програма во светот. Јас кратко водев утринска програма. Будењето рано ми е напорно, но немам проблем да го правам тоа доколку треба. Во тој период јас бев на пауза, немав проект во матичната куќа каде што сум вработена.

Јас за Сител би направила сѐ, не само да водам утринска емисија. Ќе се прилагодам ако треба да водам емисија во кое било време, мене воопшто не ми е тешко да го правам тоа. Мојата матична куќа е максимално коректна со мене, токму и затоа јас би сакала да им возвратам.

Утринска програма водев и во периодот кога немавме други телевизиски лица што би се појавиле во неа. Тоа траеше неколку месеци, додека не регрутиравме некои нови лица.

Инаку, кај нас сѐ уште не се созреани условите за концептот на утринска програма, како што тоа се прави во светот. Искрено, со мојот добар пријател и колега Алексадар Блажевски разговаравме за еден таков проект, но за едно 7 до 10 години. Додека созреат условите, секој од нас е сконцентриран на постоечките проекти. Тоа ќе биде една емисија во која ќе бидат вклучени бројни јавувања од неколку места низ светот. Тоа ќе биде одличен проект, кој ќе биде реализиран мошне професионално. Но, по неколку години.

ФОКУС: Не добивте ли досега понуда да бидете уредник на некоја забавна емисија, по 2 децении работа?

ЛИЛА: Не, не сакам ништо што бара дополнителни одговорности. Убаво ми е вака. Самата сум си уредник на своите емисии. Јас ја знам мојата улога, тука има екипа во која секој си ја знае својата работа и функционираме одлично.

ФОКУС: Мајка на момче кое е веќе полнолетно. Каков е вашиот однос со синот? Каква е Лила како мајка? Попустлива или не?

ЛИЛА: Со мојот син Филип имаме одличен однос. Тој ја заврши првата година на Факултетот за туризам и е одлично момче. Јас сум горда на мојот син, кој е зрело и добро воспитано момче. Нашиот меѓусебен однос е изграден на доверба. Често и многу разговараме за сѐ. Филип е плод на голема љубов, тој го добил целокупното мое внимание сите овие минати години. Немав дилема во изборот на најдоброто за него. Е сега, јас не сум тип на мајка-домаќинка која готви секој ден, не сакам да мирисам на запршки. За среќа, кај нас имаме избор на одлични зготвени јадења, тука се и рестораните, па ништо не ни недостасувало.

ФОКУС: Внуката од вашата сестра е често присутна во вашиот живот. Не ја роди ли таа љубов желбата да го надополните вашето семејство со уште едно детенце?

ЛИЛА: Не. Немам потреба од уште едно дете. Едноставно, Филип комплетно ја пополнил таа празнина, ако може така да се каже. Плус Галена не ја доживувам како моја внука, таа е некако како мое дете. Сите ние ѝ посветуваме многу внимание.

ФОКУС: Тешко ли е да се биде самохрана мајка во Македонија? Се соочивте ли некогаш со некои предрасуди карактеристични на Балканот?

ЛИЛА: Не го сакам тој термин самохрана мајка. Јас сум среќна што мојот син беше плод на вистински голема љубов. Среќна сум што имам семејство кое секогаш застанало зад мене и ме поддржало во секој мој избор. Сестра ми и брат ми биле секогаш тука за мене, покрај моите родители, никогаш не сум се почувствувала осамено. Јас и самата сум личност која сака да одговори на сите предизвици. Е сега кај нас сите знаеме какви се условите. Сите знаат сѐ за секого.

ФОКУС: Двапати пробавте, но веројатно одбравте погрешни принцови за партнер. Верувате ли сѐ уште дека постои љубов засекогаш, во добро и во зло?

ЛИЛА: Да, верувам дека постои сродна душа. И не губам надеж дека некогаш ќе ја најдам. Досега, за жал, ми стасуваа само коњите. Принцот сѐ уште го чекам.

ФОКУС: Чаршијата ве поврзува и со помлади момчиња. Сметате ли дека може да успее една врска во која жената е позрела од својот партнер?

ЛИЛА: Јас изгледам младолико, па веројатно тоа е предизвик за помладите момчиња да ми се додворуваат. И да, во моментов тие се слободни. Инаку, што се однесува до зрелоста, јас си имам син, немам намера да изигрувам нечија мајка, немам намера да бидам нечиј воспитувач. Во една врска треба да постои слобода, само така таа може да успее.

Што се однесува до муабетите на чаршијата, не ми пречи што се зборува. Сѐ додека се зборува, значи сум интересна. Јас не влегувам во паричникот на луѓето, не ги земам нештата што им припаѓаат. Најдобро ќе биде сите ние да научиме прво да си го средиме сопствениот двор, а потоа да ги анализираме туѓите. Мене не ми е гајле за муабетите на чаршијата, тоа не ме интересира. Впрочем, каде беа сите тие луѓе кога мене ми беше тешко? Дали ме прашале како ми беше да живеам сама и да се грижам за своето дете? Ги интересирало ли дали имам каде да живеам, дали имам што да јадам? Јас за сѐ во мојот живот се изборив сама. Мене не ми е гајле дали некој имал луксузен автомобил или не. Тој е негов, јас си имам свој, нема да го земам она што не е мое.

ФОКУС: Би ја пробале ли брачната патека по третпат, ако најдете вистински партнер?

ЛИЛА: Да. Еднаш една жена ми гледаше на дланка и ми рече дека ме очекуваат неколку бракови. Би ја пробала брачната среќа и третпат, па и четврти. Кога ќе се случи тоа, ќе имаме мотив за ново интервју.

Додека љубопитно ја разгледувавме актуелната понуда од модната куќа Елена Лука во Скопје Сити Мол, дознавме дека Лила и оваа екипа многу скоро подготвуваат нов интересен проект, прв кај нас од таков вид.

Поврзани новости