Лидерот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Јаулески: Граѓаните вчера го победија стравот и враќање назад нема, Македонија ќе ја добие првата жена претседател!

by fokus

Според последните податоци на ДИК, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски е во водство од 4.606 гласа пред неговиот противник, Гордана Силјановска-Давкова.

Според претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, вчерашните резултати се доказ дека власта ја изгуби поддршката кај граѓаните на Македонија.

„Вчерашниот резултат е доказ дека власта ја изгуби поддршката кај граѓаните. Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ се победник на вчерашните избори наспроти СДСМ и ДУИ и уште 30 тина партии на куп. Силјановска е кохезивен фактор за македонското општество, политичар кој нуди алтернатива на сивилото кое две ипол години ја има обременето државата. Опозицискито расположение е повеќе од видливо. Кога би се собрале гласовите на Гордана со гласовите на албанските опозициски партии јасно е дека е многу блиску денот кога оваа катастрофална власт ќе си замине. Колку побргу – толку подобро. Тоа е пораката и на младите и на скопјани и на битолчани и на сите кои не можеа веќе да го толерираат криминалот, корупцијата, непотизмот, неспособноста и неправдата во Македонија. Концептот на право и правда победи на криминалот, корупцијата, непотизмот и падот на економијата. За ВМРО-ДПМНЕ беше очекуван резултатот, истиот можеше да биде и подобар, но поради апсолутната власт која ја има СДСМ и методите за притисок тој е малку помал. Но, вчера граѓаните покажаа без разлика колкави притисоци и да има желбата за подобро е сепак посилна. Воедно резултатите покажаа дека ВМРО ДПМНЕ во моментот е најголемата политичка сила во моментот што за нас е обврска, додека СДСМ е на минимумот гласови“, истакна Јаулески.

Тој е убеден дека на 5-мај, Македонија ќе ја добие првата жена претседател во историјата.

„За вториот круг можам само да кажам дека ние одиме на победа. Граѓаните вчера го победија стравот и враќање назад нема. Македонија на 5 – ти мај ќе ја добие првата жена претседател“, додаде Јаулески за „Фокус“.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости