ЛИДЕМ: Скопје е втор најзагаден град во светот, после Калкута, Индија поради погрешни политики

by Fokus

Свесното и системско уништување на зеленилото и дрвата, збогатено со ефектот од скопската урбана мафија поддржана од минатата власт, меѓу другото, доведе до енормна загаденост и лош квалитет на воздухот, реагираат од ЛИДЕМ.

„Нивната негрижа за основното човеково право, запишано и во Уставот на Република Македонија, правото на заштита на животната средина, нѐ направи сите нас да бидеме жртви на нивната децениска погрешна политика. Оттаму, Македонија, поточно Скопје според истражувањето на „AirVisual“, го зазеде второто место во светот по загаденост и лош квалитет на воздухот и тоа веднаш после Калкута, Индија“ – се наведува во партиското соопштение на либерално демократската младина.

ЛИДЕМ како активен политички подмладок се залага за почитување на правото на заштита и унапредување на животната средина и е голем поддржувач на политиките за намалување на загадувањето на воздухот и подобрување на индексот на квалитет на воздухот.

Подмладокот на Либерално демократската партија (ЛИДЕМ) преку соопштение изразува поддршка на политиките и заложбите на централната и локалната власт за подобрување на моменталната состојба.

Тие воедно нудат и свои мерки, како:

– Строга имплементација на легислативата за здрава животна средина и против загадување на воздухот;

– Поголема контрола на горењето отпад во депониите и засилени казни за непочитување на наложените мерки;

– Поголема контрола во фабриките во Скопје и околината, повисоки казни за непочитување на стандардите за заштита на животната средина;

– Промовирање на алтернативни, незагадувачки форми на греење;

–  Активно вклучување во процесот на подигнување на свеста кај граѓаните за употреба на јавниот превоз, велосипедите и други форми на превоз кои не придонесуваат кон натамошно загадување

– Активно рециклирање на отпадот (електронскиот отпад, стакло, лименки, пластика итн.);

– Воведување на итен мораториум на сечата на дрва и намалувањето на зелените површини во главниот град;

– Правилна едукација на населението за животната средина е една од најголемите мерки што може да се преземат во однос на зачувување, заштита и унапредување на истата како и;

– Повисок степен на соработка на државните институции, приватниот сектор и граѓанските организации во полето на заштита и унапредување на животната средина.

Поврзани новости