ЛГБТИ ги стави на тапет политичарите кои не ја поддржаа Парадата

by Fokus

За жал, ниту еден од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, не беше присутен на овој Прајд, а изостана и декларативната поддршка- е реакцијата објавена на страницата на Скопје Прајд, по повод Парадата на гордоста која во саботата се одржа во Скопје. Од таму појаснуваат дека во однос на волјата на нашата политичка сцена за унапредување на човековите права и слободи, добиле знаци на поддршка и разбирање, но и на воздржаност и осуда.

-На Скопје Прајд годинава лично присуствуваше претседателот на државата, Стево Пендаровски. Премиерот Зоран Заев со јавна изјава ја изрази владината и својата поддршка за оваа манифестација, а на настанот присуствуваа неколку министри и други функционери од редовите на СДСМ, како и претставници на партискиот подмладок. И партијата ДОМ даде поддршка со присуство, а пратеничката Маја Морачанин се обрати во име на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Формирањето на првата ваква собраниска група беше голем исчекор, што се случи уште во минатите собраниски состави и во која членуваат пратеници и од власта и од опозицијата. За жал, ниту еден од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои се дел од оваа собраниска група, не беше присутен на овој Прајд, а изостана и декларативната поддршка. Националната мрежа против хомофобија и трансфобија во наредниот период подетално ќе се осврне на овие прашања, затоа што сметаме дека да се биде дел од оваа група во законодавниот дом подразбира и директна вклученост на пратениците во борбата за еднаквост, а не тоа да биде сведено на учество на конференции по службена должност – наведено е во обраќањето на организаторите на Парадата.

Ставаат акцент и врз изјавата на министерот Аријанит Хоџа, кој порача дека ја почитува слободата и различните мислења, но за него семејството и моралните и традиционални вредности се нешто свето.

-Од негативните пораки, ја издвојуваме изјавата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Аријанит Хоџа, кој се огради од политичката поддршка на Владата, нагласувајќи дека се води од „семејни вредности“ и притоа употребувајќи оправдувања за својот став, што само покажуваат колку е неопходно сексуалното образование, и за децата, но и за возрасните. Алтернатива им се обрати на граѓаните од албанската етничка заедница и ги повика да се дистанцираат од парадата на гордоста, посочувајќи дека „ваквите паради се неприродна појава која го загрозува семејството и удира врз конзервативниот морал“. Од ДУИ, иако е дел од владеачкото мнозинство, немаше реакција. Останува да се надеваме дека ребрендирањето во зелена партија, наскоро ќе значи и пресврт во нивните ставови кон ЛГБТИ прашањата – стои во јавното обраќање објавено на страницата на Скопје Прајд.

Вики Клинчарова

Поврзани новости