ЛГБТ во Македонија добива химна: Тоа што го зборувате за другите, најдобро ве опишува какви сте!

by fokus 15:12
15:12
ЛГБТ заедницата во Македонија наскоро ќе добие своја химна. Идејата за химната била на трансродовата поп пејачка Фифи, која веќе подолг период живее и работи во Шведска, во соработка со ЛГБТ заедницата од Македонија и текстописецот, Ксенија Николова.
 
-Текстот за химната е веќе спремен, насловена е ,,Јас ли треба да се променам’’. Со Фифи имам долгогодишна соработка, и кога ми се јави со предлог да бидам дел од тимот што ќе ја изработи химната, без двоумење прифатив. Песната ќе биде отпеана од Фифи, во дует со пејачка од Шведска. Драго ми е што на овој начин можам да придонесам за менување на свеста на народот кај нас, и текстот е напишан со многу љубов и искрени емоции. Имам многу пријатели кои се дел од ЛГБТ заедницата и знам со какви проблеми се соочуваат секојдневно. Со овој потег сакаме да порачаме дека е време да се стави крај на понижувањето и на дискриминацијата, да ја пренесеме пораката дека сите сме исти, вели Николова.
 
Таа зад себе има три романи, а моментално работи на четвртиот. Позната е како текстописец кој соработува со многу успешни музичари, помеѓу кои Тамара Тодевска, Даниел Кајмакоски, Александар Тарабунов, Маја Вукичевиќ, групата Куку Леле и други.
 
Набргу откако на својот Фејсбук профил информираше дека е горда што е дел од тимот што ја подготвува химната на ЛГБТ заедницата во Македонија, започнаа и критички настроените коментари. Вели дека воопшто не реагира на нив и ќе ги остави на својот профил, за да јавноста биде уште посвесна во каква средина, исполнета со предрасуди живееме.
 
-Тоа што го збориме за другите, најдобро кажува какви сме ние самите. Нема да ги бришам негативните коментари и критики, токму поради нив е оваа борба со помош на музика да се промени јавната свест, да се запре со дискриминација по било која основа, тврди писателката и текстописец.
 
Фифи, која заедно со поп пејачка од Шведска ќе биде изведувач на химната, во неколку наврати изјави дека во изминатиов период, откако ја напушти Македонија, се чувствува како човек со исти права и живее нормален живот без понижувања и секојдневни навреди поради својата родова определба. Додека живееше во Македонија, и покрај одличните вокални способности и десет годишното присуство на естрадата, постојано беше мета на напади, дури и од страна на влијателни политичари.
 
По преселбата во Шведска, кариерата и тргна по угорна линија, и пред две години беше прогласена за личност со најинспиративна животна приказна со која Радио Стокхолм направило интервју во текот на 2015 година. Темата на интервјуто беа токму дискриминациите со кои таа се соочувала додека живеела во Македонија. Имаше чест да ја отвори парадата на гордоста во Стокхолм, соработува и настапува со познати светски музички имиња и учествува во повеќе проекти за подигање на јавната свест околу проблемите на ЛГБТ заедницата.
 
Од тимот задолжен за химната, велат дека промоцијата на истата ќе се случи до крајот на годинава.
Вики Клинчарова

Поврзани новости