Левица: Правда ќе има само со конфискација на нелегално стекнатиот имот на Мијалков

by Фокус

За правдата да биде задоволена во случајот со Сашо Мијалков, потребно е спроведување на конфискација како што предвидува член 97 од Кривичниот законик, кој пропишува дека „од сторителот ќе се конфискува имотната корист прибавена со кривичното дело што се состои во пари, подвижни или недвижни предмети од вредност, како и секоја друга сопственост, а ако нивната конфискација не е можна на сторителот ќе му се конфискува друг имот што одговара на прибавената имотна корист“, смета опозициската Левица.

„Со падот на тогашната власт, Сашо Мијалков продолжи да биде продолжена рака на новиот режим, директно учествувајќи во недемократските процеси на новата Влада, како што беше насилната промена на уставното име. Впрочем, семејните фирми на Мијалков неколкукратно ги зголемија своите профити преку државни тендери доделени токму од власта на СДСМ“, велат од Левица.

И покрај помпезните изјави на власта дека со оваа одлука правдата е задоволена, истакнуваат од таму, политичката пракса во Македонија го покажува спротивното.

„Впрочем, денеска како главен преговарач со Бугарија и ревизор на учебници е поранешен премиер кој беше осуден на три години затвор, пресуда која никогаш не стапи на сила.  Да не заборавиме дека токму денешниот премиер на Македонија е аболицирано лице, додека пак како амбасадор во САД е испратен Фрчковски – лице со кое се врзуваат многу скандали и контроверзии, особено од времето кога токму тој беше Министер за внатрешни работи при што се случи атентатот врз Претседателот Киро Глигоров, случај кој никогаш не беше расчистен. И на крај, разните случаи на бегство и застарување на делата, како што е случајот токму со премиерот од претходниот режим Груевски, остава голем сомнеж дека и во овој случај ќе се создадат слични околности кои ќе значат прикриена амнестија на криминалецот или негова привилегирана положба на „издржување“ на казната“, соопштија од Левица.

Поврзани новости