Левица: Незадоволни сме од договорот помеѓу четирите партии

by fokus 13:29
13:29

Новосклучениот договор не гарантира фер и демократски избори и излез од политичката и економска криза, реагираат од Левица, додавајќи дека бил склучен договор кој ги изневери барањата и принципите на протестното движење, на најголемиот дел од сите оние граѓани кои масовно и секојдневно излегуваа на улиците изминатите 3 месеци.

– Левица алармираше уште во текот на обновените преговори дека тоа е нетранспарентен процес, преговори зад затворени врати, надвор од очите на јавноста и правото на граѓаните да имаат целосен увид во договорот што им ја крои иднината. Притоа:

  1. Не е договорена експертска влада, туку е договорена политичка влада – повторно враќање на минатогодишниот договор од Пржино и дворски игри со бројот на министрите, замениците министри, обемот на нивните ингеренции и слично. Независен арбитар за можеби најзначајните избори во новата историја на РМ – нема да има. Четирите партии само ја одложија арената на нивните борби, повторно чувајќи го народот и протестното движење како адут во рака за ново пазарење.
  2. Немаше претставник на граѓаните, на протестното движење и здруженијата на граѓани на преговорите. Ниту во својство на мониторинг. Таков претставник ќе нема ни во органите на власта задолжени непосредно за спроведување на изборите. Одговорноста за евентуалното пропаѓање на договореното и ново продлабочување на кризата, останува врз четирите партии потписнички.
  3. Постоењето и легалноста на Специјалното јавно обвинителство остана да виси во воздух, а ни збор за специјалното одделение во Кривичниот суд, со оглед на “Сваровски“ судството и опструкциите кои ги правеше изминатиот период.
  4. Се дозволи владата да не’ задолжи со дополнителни 450 милиони евра од еврообврзницата и за тие средства нема гаранции дека нема да се злоупотребат за предизборен поткуп на гласачи, се вели во соопштението на Левица.

Партијата оваа одговорност ја препишува на најголемата опозициска партија СДСМ.

– Граѓаните не се само адут во ракавот кога преговараш со противникот. Граѓаните не се само бројка. Граѓаните се и принцип кој не смее да се изневери. Граѓаните испорачаа разумни барања, а тие барања неразумно беа заобиколени во преговорите со криминалците. Конечно, целата политичка активност на граѓаните, изразена низ веќе развиената протестна култура на отпор против криминалите и неправдите ни дава оптимизам дека, иако на хартија заобиколен, народот политички се освестува и подготвува конечен удар за режимот во рамките на и онака фаличната парламентарна демократија, потенцира партијата.

Поврзани новости