Лепа Брена доаѓа во Скопје, карти по цена од 350 па до 1.200 денари

by Fokus

Фолк ѕвездата Лепа Брена ќе одржи солистички концерт во Скопје. Настанот ќе се случува во ВИП Арена Борис Трајковски на 15-ти декември, а билетите веќе се пуштени во продажба.

Пред околу три месеци, таа исто така имаше свој настап во земјава, односно настапи на седмото издание на Струмица Опен Фест, а минатата година одржа концерт во Охрид, на плажата Градиште 2, и настапи во Штип, на манифестацијата Штипска пастрмајлијада.

Како мало потсетување, балканската ѕвезда пред три години, поради политичките случувања во земјава го откажа својот концерт во Скопје. Во тој период беше актуелно движењето „Протестирам“ кое бараше пад и одговорност од тогашната влада предводена од Никола Груевски, ослободување на притворените граѓански активисти и формирање на влада за демократизација на институциите. Тогаш, граѓанските протести и политичката состојба ја поколебаа фолк ѕвездата да дојде во Скопје на веќе закажаниот концерт, па таа со соопштение до јавноста го откажа настанот.

„Жалам што нема да се дружам со моите фанови од Македонија, но едноставно ситуацијата е таква. Ветувам дека во најбрзо време ќе го одржам одложениот концерт“ – порача Брена по откажувањето на музичкиот спектакл. Картите за декемврискиот концерт на Брена можат да се купат преку мрежата на Купи карти за се, по цени од 350 до 1.200 денари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости