Лекција за правата на жената: Ако маж ти чисти со правосмукалка, си се изборила за своите права?!

by fokus

Човекот, човековите права и одговорности – Права на жената, лекција за ученици од осмите одделенија по Граѓанско образование, во која што навидум добро се појаснети правата на жената во демократските општества.

,,Женските права се посебни права. Тие се заштитени со повеќе меѓународни документи под покровителство на Обединетите нации и го имаат предвид големиот придонес на жената во семејството и во општеството. Во нив се нагласува дека само почитуваните жени и здрави мајки можат да обезбедат здрави семејства, од што зависи и понатамошниот развој на општеството. Таков документ е Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација на жената’’ – е клучната идеја на крајот од лекцијата.

Но она што посебно ги збунило учениците се фотографиите во прилог на истата лекција. Имено, на едната фотографија има жена со престилка, која што истовремено готви и стои пред компјутер, а пак на другата фотографија жената си седи со прекрстени нозе и списание во рака, додека мажот чисти со правосмукалка. Под фотографиите стои прашањето – Која од овие жени се изборила за своите права?

Родители, кои што го прелистале учебникот, велат дека се изненадени од прашањето, на кое што дури ниту тие не би можеле да дадат точен одговор.

,,Дали жената чиј што сопруг чисти по дома додека таа чита магазини, или пак жена која што во исто време готви и работи или пак се забавува на компјутер се изборила за своите права? Еве нам, на возрасни луѓе, не ни е јасно. Како пак да им појасниме на деца во развој, која од овие жени се изборила за своите права? Претпоставуваме дека авторот сакал да каже како жената со прекрстени нозе е победничката, но дури и да е така, нема баш многу логика’’ – реагираат родители на осмо одделенци.

Во истата лекција авторите направиле и осврт во времето кога Адам и Ева живееле во рајот.

,,Се смета дека жената го сторила првиот грев во рајот. Го вкусила забранетото овошје, го довела Адам во искушение и оттогаш таа страда. Во првата книга ,,Постанок,, на Мојсеј, Бог и вели на жената ,,Ќе ти ги зголемам маките кога си бремена, со болки ќе раѓаш деца, ќе бидеш под власта на  мажот свој и тој ќе ти биде господар’’ – е уште еден извадок од лекцијата за правата на жената која што ја учат деца на тринаесет годишна возраст.

Ова не е прв пат родители да реагираат за материјалот кој што го изучуваат нивните деца. Социјалните мрежи се преполни со коментари и критики на адреса на школството. Сепак, учебникот по Граѓанско образование е одобрен за употреба уште од 2009 година со решение на Министерот за образование и наука на Република Македонија. Автори на истиот се Ксенофон Угриноски и Крсте Василески, а издавач е Министерство за образование и наука на РМ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости