Лекот „Фавира“ за лекување на Ковид-19 набрзо ќе пристигне во државата

by fokus 14:29
14:29

Лекот „Фавипиравир“, кој според светските клинички студии дава позитивни ефекти при третман на лекување на коронавирусот, се очекува набрзо да пристигне во државава, изјави за МИА директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Љирим Шабани.

Лекот, посочи, е одобрен од Агенцијата за лекови, и се продава со различни трговски имиња: „Авиган“ од Јапонија и „Фавира“ од Турција.

- Advertisements -

– Една од компаниите најверојатно ќе го донесе „Авиган“ оргинаторот, оргиналиот лек од Јапонија, а кога ќе биде тоа зависи од техничките услови. Тие имаат одобрение уште денеска, уште утре да го донесат, но кога ќе го донесат тоа не зависи од наша страна. Другата компанија сака да го увезе лекот „Фавира“ од Турција и тој го одобривме откако ги проверивме сите сертификати. Турција е поблиска и најверојатно многу брзо ќе биде достапен кај нас. Лекот се очекува набрзо да пристигне во државава, рече Шабани.

Потенцира дека претходната недела добиле барања од страна на лекарите специјалисти и со оправдано писмо за користење на лекот во државава веднаш после тоа постапиле, ги разгледале сите барања. Конечно во петокот, појасни, се исполнија сите услови во делот на проверка на сертификати и сите други законски обврски и добивме мислење и од Комисијата за заразни болести за на крај да одлучиме тој лек да го одобриме како интервентен увоз во државава.

– Главна намена на лекот, главна индиција не е коронавирусот, туку е за нешто друго. Тој се употребува веќе шест години во Јапонија. Искуствата, стручните студии, клиничките студии, што ги прават во целиот свет покажуваат дека дава позитивни ефекти при третман на лекување на коронавирусот. Нашите лекари тоа го потврдуваат и на нивно барање и стручно мислење ние го одобривме. Лекот ќе биде дистрибуиран главно во болниците, нагласи Шабани.

Во врска со тоа дали има најава за увоз на друг лек, рече дека засега ја чекаат вакцината против Ковид-19.

– Сите сме во очекување да почне дистрибуцијата на вакцината против коронавирусот и ние што побрзо да добиеме што побрзо одреден број количини. Во моментот кога ќе стигнат тие количини во државата веќе имаме пропишани прописи како тоа се да го изведеме до крај, додаде Шабани.

Поврзани новости