Лекарот од Боговиње починал на Инфективна, немал коморбидитети, но немал ни позитивен тест

by fokus

Матичниот лекар Дашмир Дервиши од тетовско Боговиње за кој вчера по социјалните мрежи се прошири вест дека починал поради последици од Ковид-19, се лекувал на Инфективната клиника во Скопје.

Од Министерството за здравство за Фокус, во краткиот одговор информираат дека за четириесет и едногодишниот лекар немало податок дека имал коморбидитети, односно хронични болести, а бил пријавен како починат во Инфективната клиника.

Но, од Министерството исто така велат дека до Институтот за јавно здравје лекарот не бил пријавен досега како позитивен случај, ниту со PCR ниту со брз тест. На Клиниката освен позитивни на Ковид се лекуваат и пациенти кои немаат позитивен тест, но се сомнителни на вирусот.

Веста за смртта на матичниот лекар вчера беше објавена на Фејсбук страницата на месната заедница од Боговиње.

Градоначалникот на Боговиње, Албон Џемаили на својата Фејсбук страница исто така објави за смртта на сограѓанинот.

– Многу ми е жал што пишувам за веста што сите ја слушнавме, за смртта на докторот Дашмир Дервиши, кој исто така беше мој сограѓанин. Се чувствувам многу тажно од оваа вест. Преку оваа порака им го пренесувам моето искрено сочувство на семејството и роднините на нашиот пријател Дашмир Дервиши. Неговата душа нека почива во мир, истакна Џемаили.

Дваесет и двегодишна трудница е најмладиот пациент кој почина од комликации со Ковид-19, а во вчерашната ковид статистика најмладиот починат пациент имаше 40 години.

Поврзани новости