Лекари: Плаќањето по успешност е идиотски проект од кој профитираа одредени лекари, а беа казнети неистомислениците

by Fokus

Повеќе од четири години функционира проектот „плаќање по успешност“ на скопските клиники и во болниците низ земјава, кој според лекарите предизвика тотален хаос во здравствениот систем и служи само за казни на неподобните, кои јавно се спротиставиле на политиките на министерот за здравство Никола Тодоров и екс премиерот Никола Груевски.

Владата и министерството за здравство на провладините медиуми излегоа со рекламен спот, кој според лекарите за нив беше навредлив, понижувачки и омаловажувачки.

Абдоменалниот хирург Милчо Пановски вели дека придобивките од секоја реформа на Тодоров е од исклучителна важност за македонското здравство, а така е и со идејата за плаќање по „учинок по терк на Тодоров“.

– Прв голем успех е тоа што успеа да ги скара лекарите во најголем број на установи.Типичен пример е Институтот за радиологија. Втор успех е тоа што директорот преку неговото дискреционо право ги казнува неподобните доктори. Трето, изнуди вработување(или прераспоредување) на човек кој ги пегла резултатите од учинокот на еднакво (приближно исто) ниво на сите вработени за мир во куќата. Четврто, дел од медиумите профитираа со пишување на текстови и со објавување на список од сто најдобри доктори, иако не е јасно зошто тоа кратко траеше – истакна професорот Пановски во изјава за „Фокус“.

Тој тврди дека благодарение на проектот дел од лекарите профитирале со награди, но како што додава некои поединци профитирале и со измама.

– Некои лекари беа казнети и се уште се казнети затоа што одбиваат да работат по теркот на Тодоров, а тој не им даде дозвола за дополнителна работа. Последно и наважно најголема „добивка“ имаа пациентите кои станава бројка за исполнување на учинокот. Така да, учинокот на Тодоров е според српската „Dali prodaja muda za bubrege spada u trgovinu organima? – додава доктор Пановски.

Со сличен став како него е доктор Дејан Ставриќ, очен хирург и поранешен претседател на Самостојниот синдикат на скопските клиники. Според него, сега направат реклами од десетици милиони евра како кога го имитираа тој идиотски проект.

– Проектот плаќање по успешност всушност беше проект за плаќање на послушниците, а за финансиско казнување на неистомислениците. Тој ја произведе аферата на офталмологија во Градската болница „8 септември“ и уште кој знае колку такви случаи за кои не се знае и за кои никогаш нема да се дознае. Колку буџетски пари ќе се потрошат за инвалидитетот на луѓето, нивното здравје и изгубениот живот поради овој и другите „реформски“ проекти на Тодоров – тврди доктор Ставриќ.

Овој проект во 2012 година пред да биде воведен во јавните здравствени установи предизвика масовен штрајк на околу 1.200 лекари-специјалисти кои протестираа цели 52 дена пред министерството за здравство, како и пред владата тврдејќи дека овој проект само повеќе ќе им нанесе штета во работата и на лекарите и на пациентите. По месец ипол, штрајкот беше задушен, а проектот почна со својата примена.

Ирена МУЛАЧКА

 

Поврзани новости