Лек против носталгија со пари не се купува

by fokus 12:06
12:06

Веќе неколку седмици наназад нашинците во Канада имаат можност да се забавуваат со фолк пејачките Анета Арсовска, Тања Јовановска и оркестарот Алтернатор. Нивните концерти во поголемите канадски градови се дел од празничната турнеја, за која што Арсовска вели дека е доста успешна и посетена, но сепак не можела, а да не ја забележи големата носталгија која што е присутна кај нашите иселеници.

„Ова е мое прво гостување во Канада, и имаме редовни концерти во градовите каде што живеат голем број на македонци. На три од нашите концерти ни гостуваше и популарниот босански пејач Мухарем Сербезовски и салите во кои што настапуваме се секогаш исполнети до последно место. Но она што ми остави впечаток е дека и покрај веселата атмосфера, нашинците во оваа далечна земја се борат со својата носталгија и тага по родното огниште. Често се бараат стари македонски песни, а на некои од нив,како на пример на ,,Параходот’’ се случува некои од присутните и да заплачат. Стекнавме многу нови пријателства, и речиси секој ден некоја наша фамилија не кани на ручек или на вечера во нивниот дом, луѓето се желни да се изнаприкажат со некој од нивниот крај, да си ги споделат маките. Најчесто во разговорите велат дека и покрај тоа што имаат убав и среден живот, големи куќи, редовни и високи плати, сепак тагата за Македонија ги убива. Во земја како што е Канада, ја нема блискоста на која што свикнале во Македонија, ги нема роднините, соседите, пријателите… Им фали таа наша балканска поврзаност, и сите со кои што разговаравме на темава се сложуваат со истото – доколку имале услови за достоинствен живот и социјална сигурност, никогаш не би заминале од родниот крај“ – раскажува Арсовска која што ја очекуваат уште три концерти пред враќањето дома.

- Advertisements -

„Се запознав и со постари луѓе кои што веќе доволно заработиле во Канада, но не можат да се вратат во Македонија бидејќи нивните деца свикнале на тамошниот живот. Тоа се навистина жални животни судбини, заминале на печалба на неколку години, а ете останале таму цел живот. Многу приказни ме инспирираа за нови песни, во кои што ќе ја опејам печалбарската тага, по враќањето назад во Македонија“ – раскажа велешанката.

Околу 200.000 македонци живеат во Канада, а поголемиот дел од нив, околу 40.000 се населени во Торонто. Ги има и во Отава, Монтреал, Винипег… Тие имаат голем број на исленички друштва и организации каде што меѓусебно се дружат и помагаат. Често организираат заеднички дружби за време на православните и национални празници, и голем е бројот на наши фолк пејачи кои што секоја година имаат турнеја таму.

Вики Клинчарова

Поврзани новости