Легендарните ликови починаа на ист датум:Ако не ги знаеш Зеко и Пиже, тоа ти е како во Скопје да не си ги видел Камениот мост и Кале!

by fokus

Ненадејната смрт на скопската урбана легенда Сашо Пижевски Пиже, кој почина на 57-годишна возраст завчера, ја трогна јавноста и неговите многубројни пријатели и познаници со кои во тек на животот се дружел или соработувал.

Пиже, кој беше угостител, но и своевремено дел од култната група Хавана бенд, која ја основаа заедно со Игор Џамбазов и Горан Атанасов Зеко, почина на ист датум како и неговиот пријател и колега Зеко.

Како потсетување, Зеко кој исто така важеше за еден вид на создавач на ноќниот живот во Скопје, и кој со Пиже и Џамбазов ги оставија хитовите „Шток ми бејбе“, „Дај ми жити се“, „Нема спас“ и други, почина на 56-годишна возраст на 17-ти мај 2018 година.

Како што раскажаа тогаш неговите блиски, помеѓу кои и Пиже, тој боледувал кратко пред да ја изгуби битката со болеста, а пак заедно со Хавана бенд ја снимиле нивната последна песна „Балада за мајка ти и татко ти“, во 2009 година.

Пижевски често го спомнуваше својот пријател и не криеше дека неговата смрт го погодила, и како му недостига секој ден.

Неодамна се потсети на него објавувајќи фотографија од снимањето на „Балада за мајка ти и татко ти“, и порача во негов стил дека двајцата фино го истерале животот.

-Пред снимање на спотот за песната „Балада за мајка ти и татко ти“ , двајцата мртви озбилни заглеани у екран по којзнае кој пат го глеаме видеото на Квин за да знаеме шо да „глумиме“.

Чудо Зеко шо не ми рече: Пријатељу, не ни е добар планот финансиски, иначе чим Скорзезе можеше да го режира БЕД на Мајкл Џексон ќе го ангажиравме и ние …

Ах бе Зеко, го истеравме животот фино ко на смеа ко на шала на хи-хи ха-ха.
Штета шо те нема више, фалиш – објави неодамна Пиже.

-Некој еднаш рече:
– Не ги знаеш Зеко и Пиже?!
– Па тоа ти е ко да си бил у Скопје, а не си ги видел Kамениот мост и Kале, се шегуваше легендарниот музичар и угостител.

Вики Клинчарова

Поврзани новости