Лажните вести сериозна закана за вакцинацијата против коронавирусот

by Fokus

Сега кога надежите за победа над вирусот зависат од вакцината, СЗО и експертите предупредуваат дека феноменот на лажни вести може да го загрози спроведувањето на програмата за вакцинација, пренесува француската новинска агенција АФП.

– Коронавирусот е прва пандемија во историјата во која технологијата и социјалните медиуми се масовно користени, со цел луѓето да бидат безбедни, информирани, продуктивни и поврзани, соопшти СЗО.

Но, оттаму исто така забележуваат дека технологијата на која се потпираме за да останеме поврзани и информирани, овозможува и „инфодемија“, која продолжува да го поткопува глобалниот одговор против епидемијата.

Досега повеќе од 1,45 милиони луѓе починаа од појавата на вирусот во Кина, на крајот на минатата година, а тројца производители на вакцини веќе поднесоа барања за одобрување на вакцини.

Покрај проблемите со организирање на ваквата масовна вакцинација, сега владите мораат да се справат и со распространетите сомнежи за вакцината, во време кога социјалните медиуми се алатка и за информирање, но и за дезинформирање.

СЗО ја дефинира инфодемијата како прекумерна количина на информации на интернет што вклучува „намерни обиди за ширење неточни информации“.

Минатиот месец, студија спроведена од американскиот универзитет Корнел покажа дека американскиот претседател Доналд Трамп е еден од најголемите иницијатори во светот за дезинформации за Ковид-19 за време на пандемијата, наведувајќи го примерот со „пиење“ на дезинфекциони средства.

СЗО предупредува дека без доверба и точни информации, вакцинацијата нема да ја постигне својата цел, а вирусот ќе продолжи да се шири. Од друга страна, трите производитела на вакцини Pfizer / BioNTech, Moderna и AstraZeneca / Oxford се водечки во развојот на вакцините и голем број влади планираат да започнат вакцинирање на најранливите групи до крајот на годинава.

Сепак, како што велат, со социјалните мрежи како Фејсбук, Твитер, Јутјуб и WhatsApp, каде се шират лажни вести,, „дезинформациите достигнаа невидени размери“, нагласи Силвен Делуву, научник од Одделот за социјална психологија на Универзитетот Рен-2.

Меѓу побизарните тврдења на теоретичарите на заговор е дека новиот коронавирус претставува измама или е дел од план на лица како милијардерот Бил Гејтс за контролирање на човештвото, а вакцинацијата е покритие за вградување микрочипови, пишува АФП.

Минатиот месец, анкета на агенцијата ИПСОС покажа дека само 54 проценти од Французите ќе се вакцинираат против коронавирусот, што е за десет проценти помалку отколку во САД, 22 проценти помалку од Канада и 33 проценти помалку отколку во Индија.

Во вкупно 15 земји, 73 проценти од испитаниците одговориле дека се подготвени да се вакцинираат против Ковид-19, што е пад за четири проценти од одговорот на истото прашање од пред само еден месец.

Според експертите не станува збор само за вакцините, туку се повеќе луѓе не им веруваат на институциите, односно се верува дека „елитите лажат“, па оттаму дезинформациите се засноваат и на растечката недоверба кон институционалните власти.

Поврзани новости