Лазаревски за „Фокус“: Со моето назначување законот не е прекршен ниту технички, ниту суштински

by fokus

В.д. директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски денеска во изјава за „Фокус“ вели дека во јавноста се кренало премногу галама за, како што вели, техничко прашање. Според него, со неговото назначување за в.д. директор без претходно да биде разрешен од позицијата член на Управен одобор на институцијата, законот не е прекршен ниту технички, ниту суштински.

-Во ниеден момент јас не сум имал право на потпис и како директор на Агенцијата и како член на Управен одбор. Од 01.12 немало седница на Управниот одобор, а јас се уште не сум потисник како директор. Доколку не поднесам оставка од член на УО, и бидам именуван и станам потписник како директор, тогаш ќе биде прекршен законот. Јас оставка од член на УО поднесов на 10.12 и чекам Владата да ме разреши. Се надевам дека на првата седница на Влада ќе бидам разрешен од позицијата член на УО, вели Лазаревски за „Фокус“.

Тој не открива дали е еден од петте кандидати кои аплицирале за јавниот повик за директор на Агенцијата со мандат од две години.

-За тоа прашање, обратете се во Влада, кусо одговори Лазаревски.

Владата 15ти месецов го постави Бојан Лазаревски за в.д. директор, иако распиша конкурс за директор цел мандат од две години кој заврши пред еден месец.

-Конкурсот за директор на Агенцијата за филм е завршен, меѓутоа изборот на кандидат сѐ уште не е направен од причина што станува збор за специфична агенција кадешто детално се анализираат предложените програми за работа, но Владата на Република Северна Македонија сакајќи да излезе во пресрет на вработените постави в.д. директор за краток период кој ќе биде потписник за нормално функционирање на институцијата, одговорија од Владата.

Инаку, веднаш откако Лазаревски беше назначен за в.д. директор, „Фокус“ предупреди дека има акумулација на функции, бидејќи претходно не е разрешен од позицијата член на Управниот одобор. Тогаш од Владата изјавија дека по назначувањето, Лазаревски ќе биде разрешен на првата наредна седница.

-По добивање на решението, Бојан Лазаревски ќе си поднесе сам барање за разрешување и на една од наредните седници ќе биде разрешен, одговорија тогаш од Владата.

Денеска и Државната комисија за спречување на корупција излезе со став дека назначувањето на Бојан Лазаревски за в.д. директорот на Агенцијата за филм на 15 декември 2020 година од страна на Владата е спротивно на прописите.

Контроверзно за ова лице, објасни Владимир Георгиев, член на ДКСК на денешната конференција, е дека во исто време тој е и член на Управниот одбор на Агенцијата за филм.

Тој истакна дека оваа проценка е донесена во согласност со Законот за спречување корупција и судир на интереси и затоа ДКСК на овој начин дејствува превентивно и ѝ порачува на Владата, уште на денешната седница да го разреши Лазаревски од позицијата член на Управниот одбор.

Катерина Смилева Божиновска

 

Поврзани новости