Лазаревски: Се прислушуваше масовно во УБК, „бомбите“ кои ги извлековме се можеби само 2-3 проценти

by fokus

Ѓорѓи Лазаревски, свиркачот кој заедно со Ѕвонко Костовски, го пријавија нелегалното масовно прислушување во УБК, досега немал средба со премиерот Зоран Заев. Се виделе во судница, како обвинети во случајот „Пуч“ и толку. Средба немало ниту откако целата работа заврши, односно ВМРО-ДПМНЕ падна од власт, а СДСМ го превзеде кормилото и тоа благодарени на објавените „бомби“, кои ги обезбедија Лазаревски и Костовски.

-Не постоиме за новите структури, вели Лазаревски, кој вели дека не очекувал никаква награда или признание кога се решиле да го разоткријат нелегалното прислушување, но сепак вели дека се надевале дека ќе го повратат она кое го изгубиле, а тоа се нивните работни места.

И двајцата работеле во Петтата управа во УБК. Лазаревски си дал отказ под притисок, односно како што посочува за да ги заштити бомбите, кои ги собрале како доказ, а Костовски ја загуби работата откако беше осуден за нелегалното прислушување.

Лазаревски коментира дека е вистинска среќа што извлекле жива глава, бидејќи уште на почетокот кога ги собирале „бомбите“ па се досега биле оставени без заштита.

-Секој од нас, кој се осудил некому да застане на патот, последиците може да ги чувствува долгорочно, па дури и идната генерација. Велат дека „осветата се сервира ладна“, вели Лазаревски, алудирајќи дека тие сѐ уште се загрозени.

Тој раскажа како се започна, односно кога со колегата Костовски се одлучиле да ја стават главата во торба, и да прибираат докази за прислушувањето. Она што запрепастува е што вели дека не успеале да ги соберат сите „бомби“, па коментира дека тоа е можеби само 2 или 3 проценти од сите нелегални материјали. Во управата дури имало вработени чија задача била да ги изработуваат транскриптите.

-Во 2008 година станавме свесни дека нелегално се прислушува и тоа директно од опремата на УБК. Бевме сведоци и на аферата „Големото уво“, но тогаш премолчавме, па не можевме да дозволиме истото да се случи уште еднаш. Неколку години ги собиравме доказите, без некој да се посомнева. Почнавме со смс пораките, а потоа и со аудио разговорите. Следа фаза беше да бараме личност, со гарабит, кој може да ја носи тежината. Се одлучивме тоа да биде некој од поранешните директори на УБК, раскажува Лазаревски.

Како што раскажува се одлучиле за Зоран Верушевски, иако помислиле и на Горан Митевски.

-Дојдовме до вистинскиот човек, кој беше соодветен. Не му ги предадовме само информациите (бомбите), туку и нашата судбина, на нашите семејства и на државата, вели Лазаревски.

Тој појаснува дека немало враќање назад. Им било битно да ги обезбедат доказите, да ги зачуваат и да чекаат судска завршница.

-Некој да одговара за нелегалното прислушување, тоа ни беше целта. Затоа сега сме среќни што полека почна правната држава да функционира, а информациите кои ги прибравме „бомбите“ се употребуваат како доказ, вели Лазаревски.

Тој се потсетува дека од септември 2014 година до февруари 2015 година постоел вакум период, кој бил најкритичен за нив, бидејќи веќе имало сомнеж дека некој изнесува докази од УБК. За среќа, како што вели, не се осудиле да превземат дејствија со трагични последици, бидејќи идејата им била да обвинат некој друг за нелегалното прислушување.

-Кога видовме дека нашиот соработник (Верушевски) е уапсен, решив да пријавам во МВР. Бидејќи јас веќе бев заминат од МВР, Ѕвонко ми организираше средба, и два дена пред „бомбите“ да бидат објавени јас пријавив дека материјалите ги имам и дека се обезбедени од УБК, се присетува Лазаревски.

На состанокот бил и Горан Грујевски, тогашниот началник на Петтата управа, а сега обвинет за нелегалното прислушување. Откако Лазаревски ги шокирал со информациите, односно дека поседува материјали, во МВР поминал цела ноќ, а утре дента се соочил и со јавниот обвинител Златко Биковски, пред кого исто така се раскажал.

-Тогаш се смисли сценариот „Пуч“ и жолтите комбиња, а ние завршивме во притвор. Ѕвонко се согласи да потпише спогодба, и тука тој воопшто не погреши, бидејќи ги наведе во правец, на странски служби и жолти комбиња, поради што се заинтересира и меѓународниот фактор. Ѕвонко е правиот јунак на Македонија, кој ги обезбеди бомбите и ги наведе во погрешен правец, бидејќи се направи обвинение кон фиктивен странски фактор, поради што на крајот се откри вистината, заклучува Лазаревски.

Лазаревски вина освен во МВР гледа и во обвинителот Биковски, кој наместо по пријавата да ја замрзне опремата, оставил се да си тече по старо во УБК.

Тој открива дека и нему како и на Ѕвонко му била понудена спогодба, која првично ја прифатил.

-Мене ми понуди 8 години затвор. Кога му реков дека прифаќам, обвинителот беше радосен, веднаш почна да врти телефони. Но јас знаев дека зборот не важи ништо, туку дека спогодбата треба да се потпише пред судија на претходна постапка. Затоа ме однесоа на суд, а за да моментот биде свечен, обинителот дури облече и тога. Тогаш пред судијата реков дека не ја прифаќам спогодбата, бидејќи обвинителот ме приморува да прифатам туѓо кривично дело, вели Лазаревски, по што следувало разочарување кај обвинителот, а тој завршил во самица.

Тој додава дека обивителот би требало да одговара и кривично, бидејќи во спогодбата што ја направил со Ѕвонко нема ниту еден материјален доказ, што беше нотирано во извештајот на Прибе, но и што беше знак дека предметот „Пуч“ е само монтирано сценарио.

Лазаревски вели дека нивната цел не била да се руши власт, туку да се расчисти со криминалот во УБК. Дури и вели дека најдобро за ВМРО-ДПМНЕ, во тој момент, ќе било да го признаат нелегалното прислушување, да расчистат со структуирата што го правела тоа и да продолжеле понатака.

Лазаревски беше учесник на работилницата – 2 години од (не)применување на Законот за свиркачите во организација на НВО „Инфо-центар„ и „Транспарентност Македонија“. Покрај информацијата од Владимир Георгиев, државен советник во Државната комисија за спречување на корупција, дека од донесувањето на Законот за укажувачи досега нема ниту еден „свиркач“ кој пријавил корупција.

Лазаревски, како докажан „свиркач“, но без заштита, оцени дека законот формално е направен за да не се спроведува.

-Законот не е мотивирачки, бидејќи поминаа неколку години а не се појави ниту еден „свиркач“. Оваа влада не го смета за приоритет, иако претходната влада падна од информација добиена од „свиркач“, заклучи Лазаревски.

Од 1.293 државни институции обврската да поднесуваат шесмесечни извештаи за укажувачи до Антикорупциска доставувале едвај стотина институции. Казната за непочитување на оваа обврска е до 5.000 евра, но досега Антикорупциска за ниту една од нив не поднела прекршочна пријава.

В.В.

Поврзани новости