Лазаревски и Владата не откриваат дали тој е еден од кандидатите за директор со полн мандат

by fokus

Новиот в.д. директор на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски чие назначување беше спорно бидејќи претходно не беше разрешен од позицијата член на Управниот одбор на институцијата, не открива дали има амбиција да стане и директор со полн мандат.

Тој не сакаше да одговори на нашето прашање дали аплицирал на јавниот повик за директор на Агенцијата за филм, кој беше затворен пред еден месец.

-За тоа прашање, обратете се во Влада, кусо одговори Лазаревски.

Сепак, ниту Владата не сакаше директно да одговори дали сегашниот в.д. директор е еден од петте кандидати чии апликации ги разгледува Владата.

-Во врска со Вашите прашања Ви посочуваме дека процесот сѐ уште не е завршен, се разгледуваат пристигнатите апликации и предложените програми за работа на кандидатите. При назначување на функционери Владата на Република Северна Македонија постојано инсистира на задржување на највисоките стандарди. Владата и владините тела внимателно ги испитуваат сите релевантни факти пред дадено лице да биде назначено за функционер. Штом ќе биде избран директор на Агенцијата за филм со полн мандат јавноста навремено ќе биде известена, велат од Владата.

Инаку, веднаш откако Лазаревски беше назначен за в.д. директор, „Фокус“ предупреди дека има кумулација на функции, бидејќи претходно не беше разрешен од позицијата член на Управниот одобор. Откако и Државната комисија за спречување корупција го утврди истото, од Владата се правдаа дека Лазаревски завчера бил разрешен од позицијата член на Управниот одбор, односно пред неговото назначување за директор да стане ефективно.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости