Лапе: Со пресудата се праќа порака дека начинот на апсењето на Љубе Бошкоски е дозволен и законит

by fokus

Во модерните демократски и цивилизирани општества ваквиот начин на лишување од слобода е забранет и санкциониран. Судот пропушти да ги санкционира сторителите при јасни и недвосмислени докази. По добивање на пресудата секако дека ќе вложиме жалба особено што сметам дека е испратена една погрешна порака дека ваквиот начин на апсење е дозволен и законит.

Ова е реакцијата на обвинителот Љубомир Лапе кој го водеше случајот „Тортура“ за нечовечкото апсење на лидерот на „Обединети за Македонија“, Љубе Бошкоски откако судот одлучи да ги ослободи од обвинение поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и другите обвинети во овој случај со образложение дека обвинителството не ги докажало делата за кои ги товари обвинетите.

Лапе останува на ставот дека обвинението било доволно прецизно и во него детално биле опишани сите дејствија.

Претходната одлука на судот да не донесе пресуда и да ја преотвори постапката за Лапе е еден вид на увертира во сегашниот епилог бидејќи судот самоиницијативно го преотвори случајот без барање на странките.

Во доказната постапка Обвинителството тврдеше дека при апсењето на Бошкоски имало мачење и дека тоа било „реваншизам“. Тој не давал отпор, а била употребена полициска сила, бил легнат на земја во близина на полски тоалет кај ресторанот „Воденица“ во Скопје, бил враќан за да го снимаат телевизиските камери со цел јавно да го омаловажат, а сето тоа предизвикало психичко страдање.

Поврзани новости