Лајен: Обновувањето на партнерствата меѓу ЕУ и САД е клучно за глобалните предизвици

by Fokus

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен му го честиташе изборот на Џо Бајден за претседател на САД и го повика да ја обнови соработката и лидерството во областа на глобалните предизвици и прилики.

– ЕУ и САД се пријатели и сојузници. Нашите граѓани делат најдлабоки врски. Затоа, изборот на претседател на САД е важен момент и од оваа страна на Атлантикот, рече таа.

Сега е јасно дека 46-от избран претседател е Џо Бајден. Му честитам на победата и на потпретседателката Камала Харис, рече фон дер Лајен во видеопорака.

Таа потсети дека САД и ЕУ изградија „пријателство без преседан“ засновано врз заедничка историја и заеднички вредности на демократија, слобода, владеење на правото, почитување на човековите права, социјална правда и отворена економија.

– Нашето партнерство со децении ги поддржуваше законите на меѓународното право и останува столб на стабилност, безбедност и просперитет на двете страни на Атлантикот. Светот продолжува да се менува и нашето обновено партнерство ќе биде клучно, рече фон дер Лајен.

Таа додаде дека очекува да работи заедно со новиот претседател на САД за решавање на глобалните предизвици како што се пандемијата на коронавирусот и нејзините последици, климатските промени, дигитализацијата, глобалната безбедност и реформата на мултилатералниот систем.

Поврзани новости