Лајен: Државите од Западен Балкан се изземени од ограничувањата за извоз на вакцини

by fokus

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека вакцинирањето во ЕУ се забрзува и оти останува целта да се имунизираат најмалку 70 проценти од населението до крајот на летото.

Во својот говор пред Европскиот парламент, Фон дер Лајен предупреди на претстојната борба против новите варијанти на вирусот и истакна дека земјите од Западен Балкан се изземени од механизмот на ЕУ за транспарентност и одобрување на извозот на вакцини.

– На сите ни треба предвидливост кога станува збор за испорака на вакцини. Затоа е воведен механизам за транспарентност и авторизација на извозот. Немаме намера да ги ограничуваме компаниите што ги почитуваат договорите со ЕУ, а автоматски се изземени ограничувањата на извозот во земјите од Западен Балкан, во нашето соседство, за хуманитарни потреби и во 92 земји со мал и среден приход од инструментот Ковакс, рече Фон дер Лајен.

Претседателката на ЕК посочи дека досега се испорачани 26 милиони дози вакцини во ЕУ и дека вакцинирани се околу 17 милиони луѓе.

– Сè уште не сме таму каде што би сакале да бидеме во борбата против вирусот, нагласи Фон дер Лајен.

Таа призна дека ЕУ била „премногу оптимистична“ кога станува збор за масовно производство на вакцини, но исто така ги отфрли сите критики за заедничката набавка на вакцини, која сега доцни со испорака до земјите членки.

Поврзани новости