Кус протестен марш на просветарите пред Министерството за образование

by Фокус

Со многу кус, десетминутен протест пред зградата на Министерството за образование, Синдикатот на просветарите (СОНК) денеска во 15 до 12 часот го изрази своето незадоволство за состојбите во образованието и го поддржа штрајкот со глад на тројцата професори од  Штипскиот универзитет. Околу 500 работниците од образованието, науката и од културата дојдоа пред објектот на поранешната НИП „Нова Македонија“, каде се наоѓа министерството и својот револт го искажаа свирејќи.

Пред протестот СОНК информираше дека утрово во Кавадарци полицајците ги евидентирале, по име и презиме сите нивни членови коишто влегувале во автобусот со кој треба да стигнат на скопскиот протест. Еден од синдикалните лидери Дојчин Цветановски за „Фокус“ изјави и дека вчера попладне од триесетина автобуси колку што биле ангажирани за превоз на синдикалците од внатрешноста до Скопје, газдите на превозниците откажале дури дваесетина автобуси од повеќе градови низ Македонија.

Претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска изјави дека и таа како и медиумите имала информации дека полицијата легитимирала дел од синдикалците кои се подготвувале од внатрешноста да дојдат во Скопје и таа потенцираше дека ова не е прв протест во кој МВР ги пречекорува своите надлежности. Пировска ги повика сите оние коишто биле легитимирани да се обратат до канцеларијата на Хелсиншки.

Покрај поддршката на професорите од Штипскиот универзитет ова се сите барања на СОНК:

  • Силно сме загрижени за многу состојби во образованието, науката и културата во Република Македонија, кои не смеат да бидат одлика на 21-от век ;
  • Чувствуваме одговорност како просветни, научни и културни работници доколку се помириме со лошите состојби ;
  • Евидентна е и неподнослива политизацијата во образованието, науката и културата во целиот транзиционен период и голем дел од негативните состојби се последица од тоа;
  • Надлежните институции и органи во државата, свесно или не, не преземаат мерки за надминување на тие состојби, а понекогаш се генератори на тоа;
  • Искрените обиди на СОНК со методи својствени за најсовремените синдикати, преку социјален дијалог и партнерство, да се договорат решенија за постоечките проблеми и за градење на вистинска стратегија за образование, наука и култура, како темел на иднината на државата, најчесто се игнорирани или одбивани од другиот партнер ;
  • Без силно современо и мотивирано образование, наука и култура, свесно ја убиваме иднината на нашите поколенија.

 

ПОСЕБНО ПРОТЕСТИРАМЕ :

  • Против срамно ниските плати во детската заштита ( градинките) и не применување на Колективниот договор во делот на платите, цели четири години;
  • Против бројот на децата во детските градинки по групи е двојно поголем од определениот норматив ;
  • Во основните и средните училишта , со плати под просечната плата на државата, со последно зголемување на платите во почетокот на 2010 година и со плати кои се најниски во Европа, не може ваков проблем да се надмине со најавените 5% зголемување ;
  • Со воведување на екстерно тестирање во основното и средното образование, според модел кој е ексклузивно македонски , според кој 20 % од наставниците со закон мора да бидат казнети, 20% мора да бидат наградени и 60%, по закон , мора да бидат просек.
    Затоа СОНК МОРА да каже НЕ!
  • Поради повторно ексклузивен македонски модел на автономија во високото образование, кој ете значел скоро исто што и самоволие!
  • Поради не склучување на Колективен договор за високото образование и науката, како последица на блокирање на таа постапка од страна на државните универзитети. Токму тие за немањето на К.Д. го обвинуваат СОНК !
  • Плати во високото образование и науката, целосно на не законски начин, според одамнешниот систем на Условно неквалификуван работник ( УНР), а за оваа незаконитост надлежната државна инспекција повеќе од 20 години, веројатно поради автономијата !!!, не презема никакви мерки;
  • Поради тоа што Македонија ги сруши сите светски рекорди по степенот на образование и ја има таа ,,привилегија,, да има вишок на научни работници со највисок степен, со не спорни научни трудови објавени во најпрестижните универзитети во светот, по ,,најдемократски начин,, со гласање, да ги исфрлаат на улица ( со неколкумина обезбедувачи ). Повторно, веројатно заради автономијата. трудовата инспекција и по еден месец не може да го констатира кршењето на ова право , утврдено со Устав;
  • Во културата повеќе од 6 години СОНК преговара со Министерството за склучување на нов Колективен договор за да се отстранат незаконските разлики во висина на платите за исто работно место, дури и во една иста установа во културата! Секогаш проблемот е ,, немањето пари,,. Значи ли тоа дека преставите во театрите треба да ги преименуваат во фестивали и за освоено прво, второ и трето место, да добиваат награди во илјадници евра!, кои ќе им бидат доволни за неколку години ;

Поврзани новости