Премиерот на Косово, Албин Курти ја оцени американската одлука да го прекине учеството на Косово на воената вежба „Бранител Европа 2023“ под американско раководство како неправедна.
Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер вчера соопшти дека Владата на Косово не ги координирала со САД акциите преземени на северот на државата и затоа ги претрпе првите последици, откажување на учеството на вежбите „Бранител Европа 2023“.
„Она што го видовме е прекин на вежбата ’Бранител Европа 23’, за која се подготвувавме две години. Тоа е катастрофа. Мислам дека не е фер, но кој сум јас да одлучам? Повторно дозволете ми да нагласам дека САД се незаменлив пријател, партнер и сојузник за нашата безбедност и одбрана, за нашата демократија и развој“, истакна Курти одговарајќи на новинарско прашање дали американските мерки се удар за Косово.
Курти во Братислава денеска се сретна со високиот претставник на Европска Унија за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак.
„ Мора да има имплементација на договорот Косово-Србија на вистинскиот пат и мислам дека некогаш сме стагнирале, а понекогаш скршнуваме од патот. Затоа ми беше многу важно да дојдам во Братислава на оваа средба и да ги информирам Борел и Лајчак, бидејќи треба да биде јасно за неодамнешните настани во Косово предизвикани од Србија“, рече Курти.
Од друга страна потребно е што поскоро да се спроведе договорот, додаде тој
„Да не заборавиме, имаме договор, немаме избор. Сепак, немаме решение, не затоа што немаме договор, туку затоа што немаме имплементација на договорот. Се обидов да ги убедам Борел и Лајчак да се фокусираат целосно во однос на време и енергија на редоследот за спроведување на договорот меѓу Косово и Србија“, речеКурти.