Курти: На Косово имаше мир додека не дојде наредбата за насилство од Белград

by Fokus

Косовскиот премиер Албин Курти во интервју за АП се пожали на односот на САД и Европската Унија против неговата земја, односно за толерирање на „српскиот авторитарен режим“.

„Ние инсистираме на фактот дека ако добро се однесувате со автократот, тоа нема да го подобри. Сосема спротивно“, нагласи Курти.

Тој посочи дека и американскиот и европскиот пратеник за дијалог меѓу Србија и Косово Габриел Ескобар и Мирослав Лајчак дошле со барањата и условите на другата страна.

Тој инсистира дека бројот на специјалните полициски сили на север не може да се намали додека „српските криминални банди“ не го напуштат Косово или не бидат уапсени.

На Косово имаше мир додека не дојде наредбата за насилство од Белград, тврди Курти.

„Западните сили не треба да му угодуваат на Белград, кој е коренот на проблемот кога станува збор за насилството на Западен Балкан“, рече Курти.

Тој се пожали дека меѓународните посредници и европските пратеници не успеале на Косово за време на вонредните априлски избори во четири општини на северот, со мнозинско српско население.

Тој изјави дека го охрабриле Косово да не ги усвои измените на изборното законодавство, но не извршиле притисок единствената партија на етничките Срби да учествува на изборите.

Курти истакна дека му е потребна поддршка од меѓународната заедница за да се воспостави политички плурализам во малцинската заедница на Србите во Косово „за фер натпревар, во демократската трка за нови градоначалници“.

„Не можеме да си дозволиме друг процес во кој српските кандидати ќе одлучат да бојкотираат ден пред изборите, само затоа што тоа го наредува Белград“, посочи Курти.

Поврзани новости