Курир се сврти против Иванов поради критиките кон институциите

by fokus

Порталот Курир кој важи за жесток поддржувач на власта, денеска објави текст во кој го критикува претседателот Ѓорѓе Иванов поради неговата изјава дека институциите потфрлиле за време на поплавите.

Во текстот со наслов „Иванов по секоја цена бара причина да влезе во конфликт со владата, под импресија на критиките на СДСМ дека не е самостоен“ пишува дека денешниот говор на Иванов во кој ги критикуваше институциите бил негов момент на слабост, мотивиран од критиките на СДСМ дека работи по наредби на власта.

-Познавачите на политичките состојби коментираат дека во вториот мандат на Иванов, кога веќе толку не му е важна поддршката од ВМРО-ДПМНЕ за уште еден мандат имајќи ги во предвид уставните ограничување за не повеќе од 2 мандати, неоспорен факт е дека Претседателот Иванов во првиот мандат на памет не му паѓаше вака да се однесува со владата без чија поддршка невозможно ќе беше да победи на изборите. Пресметливата стратегија на Иванов е видлива, се вели во текстот на Курир.

Сите овие квалификации и заклучоци се препишуваат на „познавачите на политичките состојби“ и „експертите“, без притоа да се наведат имиња. Текстот завршува со:

-Сака да се прикаже во друго поинакво светло на крајот од неговото претседателствување, а веројатно не би ја криел ниту среќата ако владата јавно се скара со него. Така размислува тој, а дали е тоа паметно и дали е коректно кон ВМРО-ДПМНЕ после се она што го направија за него е сосема друга тема додаваат експертите.

Поврзани новости