Кундерс: Холандија ќе биде посебно посветен пријател на Македонија

by Fokus

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска оствари работна средба со неговиот колега Берт Кундерс во Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.

Министерот Димитров, како што соопшти МНР, упатил благодарност за континуираната, принципиелна и исклучително важна поддршка што Кралството Холандија ја дава на Република Македонија во остварувањето на стратешките приоритети и укажал дека повеќегодишната политичка криза создала неопходност од суштинско зајакнување на институциите, владеењето на правото и реформа на правосудниот систем, како предуслов за просперитетот и стабилноста на земјата и нејзините граѓани.

„Иако Македонија отсекогаш и засекогаш е мојата татковина, Холандија има посебно место во моето срце. Денес имав исклучителна средба со министерот Кундерс, кој даде важна поддршка за патот на Македонија кон европските и евро-атлантските интеграции – пат кој веќе долго го одиме. Нашиот пат можеби е премногу долг, но следува клучен период. Следува период во кој во Македонија мора да завладее правото. Во Македонија мора да се зајакнат институциите. Македонија мора да ги исполни овие предуслови за конечно да стекнеме полноправно членство во ЕУ и НАТО. Оваа нова Влада на Република Македонија е одлучна да ги спроведе неопходните реформи, изјавил Димитров“, се наведува во соопштението на МНР.

На Македонија, истакна Димитров, ќе и бидат потребни европските пријатели.

– По денешната средба, знам дека Холандија ќе биде посебно посветен пријател на Македонија, спремна да помогне кога е најпотребно – изјави министерот Димитров.

 

Поврзани новости