Кумановскиот градоначалник Димитриевски ќе му го врати орденот на Каракачанов

by Фокус

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски ќе го врати орденот што го добил од бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов заедно со протестно писмо поради, како што објави тој на фејсбук, изјавите што не водат кон добри меѓусоседски односи.

„Овој орден ми го врачија по повод заедничкото чествување на 22.10.2017 година на битката на Страцин каде во октомври 1944 година партизанските единици од НОБ, кумановската дивизија и бугарската армија водат борби со германските војски кои ја штитеа одстапницата на германската Е Армија во овој дел на Македонија, датум и жртви вредни за заедничко чествување и почит. Ако разговараме за помирување и смирување на односите, заедничко чествување на настани кои не обединуваат како народи недозволиво е во 21 век да има претставници во Влада на земја членка на ЕУ со изјави кои се со заканувачки и омаловажувачки карактер по националниот идентитет на соседите“, напиша Димитриевски.

Тој вели дека нема да се дозволи да се поминат црвените национални линии и дека никој нема право да го оспорува идентитетот.

„Нема да дозволиме да се поминат црвените национални граници, особено кога тука, по однос на ова прашање имаме национален консензус и поддршка од сите етнички заедници. Никој нема право да го оспорува нашиот идентитет и наместо да се гледаме во историјата, потребно е да се насочиме кон иднината. Оваа Влада покажа дека води политика на меѓусоседски односи кои промовираат европска политика, напредни сфаќања и просперитет. Сигурен сум дека премиерот знае како да се справи со секоја ситуација, досега покажа дека знае да биде трпелив и да покаже дека со вистински решенија доаѓаат вистински одлуки. Не се сомневам дека и во овој случај тоа ќе биде така“, пишува Димитриевски.

Поврзани новости